Првпат во Италија и моден пресврт: Кејт блесна во сино

Принцезата од Велс, престојува во својата прва официјална посета на Италија, каде ја започна посетата во градот Реџо Емилија со цел подобро да се запознае со познатиот образовен пристап за рано детство, додека нејзиниот проект „Royal Foundation Centre for Early Childhood“ се шири и на меѓународно ниво.

Кејт Мидлтон уште еднаш покажа зошто важи за една од најстилските членки на британското кралско семејство, но овојпат направи и мало модно отстапување што веднаш го забележаа модните експерти.

Принцезата се појави на плоштадот Камило Прамполини во елегантен син костум од брендот Еделин Ли, комбиниран со бела блуза, светлосина чанта и беж салонки. Стајлингот го заокружи со бисерен накит и препознатливата софистицирана елеганција.

Иако остана верна на својот „кралски“ стил со панталони и струкирано сако, овојпат вниманието го привлече изборот на боја. Наместо традиционалните црвена, бела или зелена – боите на италијанското знаме – Кејт се одлучи за сина комбинација.

кејт

Во минатото, таа често ја следеше таканаречената стратегија „flag dressing“, која ја практикуваше и Кралицата Елизабета II, носејќи бои инспирирани од знамето на земјата што ја посетува. Токму затоа многумина го протолкуваа нејзиниот избор како суптилен моден пресврт и отстапување од кралските модни правила.

Познато е и дека Кејт често носи креации од локални дизајнери за време на странските посети, па модните аналитичари очекуваат во текот на престојот во Италија да се појави и во креации од познати италијански брендови.

Ова патување има и посебно значење за принцезата, бидејќи станува збор за нејзино прво меѓународно службено патување откако во март 2024 година ја објави дијагнозата за рак, како и по веста за ремисија во јануари 2025 година.

Кејт беше пречекана со огромен ентузијазам од граѓаните во Реџо Емилија, каде илјадници луѓе се собраа за да ја поздрават. Дел од нив чекале со часови само за да ја видат принцезата.

Новинарот Паоло Росато од италијанскиот весник „Il Resto del Carlino“ изјави дека Кејт е „неверојатно популарна“ во Италија.

„Таа е како принцезата Дајана – симбол на добро образование и семејни вредности“, изјави тој.

кејт