Просветен инспекторат врши надзор во „Песталоци“ и „Лазар Личеноски“ по два случаи што ја вознемирија јавноста
Просветниот инспекторат врши надзор во ОУ „Песталоци“ и ДСУЛУД „Лазар Личеноски“ во Скопје по случаи што ја вознемирија јавноста.
Просветните инспектори вршат вонреден надзор во две училишта во Скопје по два одделни случаи што ја вознемирија јавноста – трагичната смрт на шестгодишно девојче и пријава за сексуално вознемирување во средно училиште.
Од Државниот просветен инспекторат информираат дека во тек е инспекциски надзор во ОУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ со цел да се утврди дали училиштето и стручните служби соодветно постапувале во случајот со шестгодишната Катја Јовановска, која трагично го загуби животот заедно со нејзината мајка Ивана Јовановска по долг период на семејно насилство.
Инспекторатот проверува дали училиштето имало сознанија за евентуалната состојба во семејството и дали биле преземени соодветни чекори, имајќи ја предвид законската обврска образовните институции да пријавуваат сомневања за семејно насилство.
Вториот инспекциски надзор се спроведува во ДСУЛУД „Лазар Личеноски“, каде што професор е пријавен за сексуално вознемирување на 18-годишна ученичка. Станува збор за академски вајар кој подолго време работи во училиштето и е автор на дел од спомениците од проектот Скопје 2014.
Директорот на училиштето, Димитар Филиповски, по добиената пријава од родител веднаш го пријавил случајот во полиција и го суспендирал 52-годишниот професор на три месеци.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека случајот е во предистражна постапка и засега не можат да споделуваат дополнителни информации, вклучително и дали има други пријави од ученички.
Според досегашните информации, Основниот кривичен суд Скопје му изрекол мерки на претпазливост на професорот – одземена му е патната исправа, има забрана да ѝ се приближува на ученичката и не смее да извршува одредени работни активности поврзани со делото.
Кривичната пријава против него е за „сексуално вознемирување“, а според наводите, во периодот од 25 февруари до 2 март тој наводно ја вознемирувал ученичката и барал интимен однос со неа.
По завршување на инспекциските надзори, од Просветниот инспекторат најавуваат дека јавноста ќе биде дополнително информирана за утврдената состојба и евентуалните мерки.









