Познато од кого протекоа информациите што доведоа до убиството на Ел Менчо

Информациите за убиството на Ел Менчо потекнале од неговата партнерка. Во судирите со картелот загинаа 25 припадници на Националната гарда, а Мексико беше зафатено од бран насилство.

Информациите што доведоа до лоцирање, апсење и убиство на водачот на картелот Нова генерација Халиско, Ел Менчо, потекнале од неговата емотивна партнерка, изјави мексиканскиот министер за одбрана Рикардо Тревиља.

Тој соопшти дека за време на операцијата биле убиени осум припадници на бандата на Ел Менчо, додавајќи дека неговото обезбедување отворило оган врз припадниците на мексиканската армија, пренесува Reuters.

На истата прес-конференција, мексиканскиот министер за национална безбедност Гарсија Харфуч изјави дека во судирите со картелот загинале 25 припадници на Националната гарда, додека околу 70 лица биле уапсени во низа насилни инциденти низ земјата.

Се обрати и претседателката на Мексико, Клаудија Шејнбаум, која нагласи дека патните блокади се расчистени и дека приоритет на властите е повторно воспоставување безбедност и мир на целата територија на државата.

ел менчо

Ел Менчо беше убиен во воена операција во западната мексиканска сојузна држава Халиско. Операцијата уследи откако припадници на картелот со запалени возила со часови ги блокираа патиштата во Халиско и други делови од земјата.

По неговото убиство, Мексико го зафати бран насилство – над 250 сообраќајници во 20 сојузни држави беа блокирани, а властите пријавија најмалку 14 загинати лица, меѓу кои и седум припадници на Националната гарда. Наставата беше откажана во неколку региони.

Градот Гвадалахара, главен град на Халиско и еден од домаќините на идното Светско првенство, практично се претвори во „град на духови“, со затворени продавници и апели граѓаните да не излегуваат од домовите.

Во туристичкото одморалиште Пуерто Ваљарта, густ чад се надвил над хотелите, а туристите останале без превоз до аеродромот. Поради безбедносната состојба, Air Canada ги откажа летовите кон овој град, а и други авио-компании презедоа слични мерки.

Американска амбасада во Мексико Сити издаде безбедносно предупредување до американските државјани да останат засолнети во областите погодени од немирите.

САД претходно понудија награда од 15 милиони долари за информации што би довеле до апсење или ликвидација на Ел Менчо.