Повторно уапсена ќерката на сопственикот на кравите од Кривопаланечко

Полицијата повторно ја уапси ќерката на сопственикот на кравите од Кривопаланечко, откако ги попречила екипите при одземање на животните. Драматична акција на терен со интервенција на институциите.

Дваесет и седумгодишна девојка од село Жидилово, Кривопаланечко, повторно била лишена од слобода откако ги попречила службените лица при обид да ги одземат кравите за кои има решение за спроведување мерки.

Од Министерство за внатрешни работи информираат дека на 25.02.2026 година во 09:35 часот, полициски службеници од ОВР Крива Паланка ја привеле Ј.Ѓ. (27), затоа што спречила вработени од Агенција за храна и ветеринарство во извршување на службени дејствија. Екипите постапувале по решение за одземање на домашни животни – крави.

Според информациите, девојката трчала по кравите со цел да ги разбрка и да го спречи нивното заловување. По приведувањето била задржана во полициска станица, а по целосно документирање на случајот против неа ќе биде поднесена соодветна пријава.

Телевизиската екипа на Телма од терен пренесе дека атмосферата била тензична, при што членови на семејството трчале по животните, а настанале и турканици со службените лица. Од институциите било пријавено дека службениците биле физички попречувани при извршувањето на задачата.

Сопственикот на кравите изјавил дека нема проблем со институциите, но побарал животните да бидат соодветно згрижени, нагласувајќи дека семејството ги одгледува повеќе од 30 години.