Под истрага 50 полицајци за пропусти во случаи на насилство

Вкупно 50 полициски службеници се предмет на истрага поради сомнежи за пропусти во постапување во случаи на семејно насилство. Дел од нив се поврзани со пријави на жртви кои подолго време барале заштита од институциите.

Сериозни пропусти во постапувањето на полициски службеници се утврдени во неколку чувствителни случаи на семејно насилство, што отвора прашања за институционалната заштита на жртвите и одговорноста на надлежните служби.

39 полицајци под лупа за случајот со Ивана Стојаноска

Министерството за внатрешни работи информира дека Одделот за внатрешна контрола утврдил пропусти кај 39 полициски службеници кои постапувале по пријавите на Ивана Стојаноска. Таа во повеќе наврати барала заштита од семејно насилство, кое според наодите на Обвинителството траело со години.

Од МВР соопштуваат дека за утврдените неправилности е доставено известување до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, каде ќе се оценува понатамошната одговорност.

Предистрага за случајот во Велес

Паралелно, веќе неколку месеци се води предистражна постапка за 11 полициски службеници од СВР Велес. Тие се поврзуваат со постапувањето по пријавите на Росица Коцева, која пријавувала насилство од поранешен партнер.

Случајот заврши трагично во септември 2025 година, кога таа и нејзиниот татко беа убиени во нивниот дом. Осомничениот за делото потоа извршил самоубиство. Од Обвинителството информираат дека се преземаат дејствија за прибирање докази и дека се сослушани повеќе сведоци.

Се проверуваат и други случаи

Покрај овие два случаи, во тек е проверка и на постапувањето на полицијата во Нагоричане, поврзано со убиство на две жени. Истражните органи работат на утврдување на сите околности, вклучително и можноста за дополнителна жртва.

Во рамки на истрагата, биле наредени и ексхумации на тела, откако претходно смртта на жртвите била евидентирана како природна.

Се отвора прашањето за системска одговорност

Овие случаи повторно ја актуелизираат темата за ефикасноста на институциите во заштита на жртвите на семејно насилство. Надлежните најавуваат понатамошни активности за утврдување на одговорноста и спречување на слични пропусти во иднина.