Почина актерот Кирил Поп Христов – Кили

На 58 години почина македонскиот актер Кирил Поп Христов – Кили, кој долги години беше дел од ансамблот на Македонскиот народен театар.

Во Еквадор вчера почина македонскиот актер Кирил Поп Христов – Кили, на 58-годишна возраст, потврди неговата сопруга.

Поп Христов се пресели во Еквадор во 2014 година. Иако често доаѓал во Скопје, последната година и пол ја поминал во оваа јужноамериканска земја.

Веста за неговата смрт на неговите браќа во Скопје им ја соопштила сопругата на актерот, кореографката Гордана Деан Поп-Христова.

Кирил Поп Христов е роден на 30 јули 1967 година во Скопје. Дипломирал на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, на Факултет за драмски уметности Скопје, на отсекот за актерска игра во класата на професорот Љубиша Георгиевски во 1989 година.

Од 1993 до 2014 година беше дел од ансамблот на Македонски народен театар.

Во текот на кариерата глумеше во повеќе познати филмови и театарски претстави, меѓу кои се Панкот не е мртов, Бал-кан-кан и Тетовирање, како и во претставите Ослободување на Скопје, Ревизор и Народен пратеник.