По снимката што ја вознемири јавноста: Сослушани две 14-годишни девојчиња по нападот врз 12-годишно девојче во Аеродром

Случајот со врсничкото насилство во скопската општина Аеродром, кој предизвика бројни реакции откако снимка од инцидентот се прошири на социјалните мрежи, добива институционална разрешница. Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веќе биле преземени конкретни мерки, а по целосното расчистување на случајот ќе следуваат кривични пријави против инволвираните лица.

Според информациите од МВР, на 1 јули 2026 година во 19:30 часот во СВР Скопје, 31-годишна жена пријавила дека нејзината 12-годишна ќерка претходната вечер, околу 22 часот, била физички нападната во парк на подрачјето на општина Аеродром.

Од полицијата наведуваат дека девојчето најпрво било принудено од една 14-годишна малолетничка, која била во друштво со своја другарка, во два наврати да клекне на колена и да се извинува. Откако се обидело да го напушти местото, било физички нападнато од друга малолетничка.

Целиот инцидент бил сниман со мобилен телефон од повеќе малолетници кои биле присутни за време на настанот, а снимката подоцна почна да се споделува на социјалните мрежи, предизвикувајќи силни реакции во јавноста.

На видеоматеријалот, со кој располага и редакцијата на Readme.mk, се гледа дека девојчето, покрај физичкото и психичкото малтретирање, било принудено од насилничката да каже дека нема да го пријави тоа што ѝ се случува. Токму овој детал дополнително ја вознемири јавноста, бидејќи упатува на обид жртвата да биде заплашена и обесхрабрена да побара помош.

Од МВР соопштија дека истиот ден во полициска станица бил извршен службен разговор со двете 14-годишни малолетнички во присуство на нивните родители. За случајот биле известени јавен обвинител за малолетници и Меѓуопштинскиот центар за социјална работа.

Во моментов полицијата презема дополнителни активности за утврдување на идентитетот и на останатите малолетни лица кои биле присутни и учествувале во инцидентот, вклучително и лицата кои го снимале настанот, со цел целосно расчистување на случајот.

По завршувањето на истрагата ќе бидат поднесени кривични пријави за кривичното дело „насилство“ од член 386 и за кривичното дело „запуштање и малтретирање на малолетно лице“ од член 201 од Кривичниот законик.

Редакцијата на Readme.mk ги знае идентитетите и на жртвата и на малолетните осомничени, но поради тоа што станува збор за малолетни лица, тие нема да бидат објавени, во согласност со законските прописи и етичките стандарди за заштита на децата.

Случајот повторно ја отвори темата за врсничкото насилство, улогата на семејството, училиштата и институциите во неговото навремено препознавање и спречување, како и за опасноста од снимање и споделување на вакви понижувачки сцени на социјалните мрежи. Надлежните институции најавуваат дека ќе ги утврдат сите околности и одговорноста на секое лице кое било инволвирано во настанот.