Осомничениот за серија убиства ќе оди на психијатриско вештачење
Истрагата за убиствата во општината Старо Нагоричане продолжува, а осомничениот во наредните денови ќе биде подложен на психијатриска процена. Обдукцискиот извештај сè уште не е доставен, додека институциите собираат докази за целосно расветлување на случајот.Истрагата е во тек
Јавното обвинителство информира дека постапката за убиството во општина Старо Нагоричане сè уште е во активна фаза.
Основното јавно обвинителство Куманово, во координација со другите надлежни институции, презема повеќе истражни дејствија со цел прибирање релевантни докази и целосно расветлување на настаните.
Засега, вештиот наод од извршената обдукција на ексхумираното тело не е доставен до обвинителството. Во наредните денови осомничениот ќе биде подложен на психијатриска процена од стручен тим на експерти.
„Се вршат распити на лица и се обезбедуваат сите потребни докази, но во оваа фаза од постапката, во интерес на истрагата, не може да се соопштуваат повеќе детали“, соопштија од обвинителството, пренесе МИА.
Детали за кривичното дело
Според информациите од полицијата, на 12 февруари осомничениот Т.Б. (25) од селото Малотино влегол во домот на 78-годишната М.С. во селото Драгоманце, каде ја нападнал и ја задушил со перница, при што жената починала на самото место.
Тој е лишен од слобода и се сомничи за кривично дело убиство по член 123 од Кривичниот законик.
Страв и неизвесност меѓу жителите
По апсењето, жителите на Старо Нагоричане живеат во состојба на страв и неизвесност. Дел од семејствата ги преселиле своите постари родители од селата, додека другите изразуваат загриженост за сопствената безбедност.
Осомничениот, според мештаните, бил познат како мирен и повлечен човек, кој се движел со велосипед и чувал добиток.
Проширена истрага за повеќе напади
По убиството на 78-годишната жена, истрагата е проширена и на уште четири други случаи.
Дополнително, 86-годишна жена од селото Челопек успеала да преживее брутален напад во својот дом, откако напаѓачот избегал по случаен шум, оставајќи ја повредена и во крв.
Во јавноста се појави и видео-снимка на која се гледа лице за кое се сомничи дека е сторителот, како се обидува да влезе во куќа со заклучена врата.
Апел од психијатрите
Психијатрите апелираат семејствата на жртвите да побараат стручна медицинска помош доколку почувствуваат симптоми на посттрауматски стрес, како несоница, главоболки, забрзано срцебиење или постојан страв.
Истрагата продолжува, а од обвинителството најавуваат дека јавноста ќе биде информирана кога ќе бидат обезбедени дополнителни официјални резултати.








