ОЈО поднесе обвинение против Стојанче Јовановски и го земал и станот и сакал и ќерката

ОЈО Скопје поднесе обвинение против Стојанче Јовановски за семејно насилство, закани и наведување на самоубиство.

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против Стојанче Јовановски, на кого му се ставаат на товар три кривични дела поврзани со семејно насилство и загрозување на сигурноста.

Според обвинението, на 2 март на повеќе локации во Скопје, обвинетиот физички ја нападнал неговата сопруга Ивана Јовановска, удирајќи ја со шлаканици и тупаници, при што таа се здобила со телесни повреди и во еден момент изгубила свест.

Истиот ден, на паркингот зад Основниот кривичен суд Скопје, тој упатил и сериозни закани кон неа дека ќе го загрози нејзиниот живот и безбедност, со што кај неа предизвикал чувство на страв и несигурност.

Обвинителството наведува дека обвинетиот подолг временски период сурово и нечовечно постапувал кон сопругата, која била во положба на фактичка и егзистенцијална зависност од него. Според доказите, во ноември 2022 година тој успеал да ја убеди Јовановска со договор за дар да му го пренесе својот идеален дел од станот во кој живееле заедно со нивната малолетна ќерка, со услов таа и детето да продолжат да живеат таму.

По стекнувањето на сопственоста, обвинетиот започнал со психичко и физичко малтретирање, кое во текот на 2025 година, според обвинителството, преминало во сурово и нечовечко постапување. Тој често ја навредувал и тепал, како во домот така и на јавни места, дури и во присуство на нивната малолетна ќерка, заканувајќи ѝ се дека ќе ја избрка од домот и ќе ѝ го одземе детето.

На критичниот ден, по серија закани и напади, оштетената се вратила во станот со детето и побарала сама да се качи за да се спакува и да замине. Обвинетиот инсистирал да се качи со неа, но сведок на настанот го оттурнал и заедно се симнале пред зградата за да ја почекаат.

Според обвинителството, долготрајното малтретирање ја довело жената во состојба на тешка психичка вознемиреност, страв и чувство на безизлезност. Во таква состојба, без да може разумно да ги контролира своите постапки, таа скокнала од терасата на станот од шестиот кат заедно со нивното малолетно дете.

Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје доставил и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетиот, поради опасност од бегство и можност да продолжи со насилнички кривични дела.