Одреден притвор за осомничените за рекордната заплена од пет тони марихуана кај Крушевац
Вишиот суд во Белград одреди притвор за осомничените по заплената на пет тони марихуана кај Крушевац – најголемата заплена на дрога досега во Србија.
Вишиот суд во Белград одреди притвор за три лица кои беа уапсени по заплената на повеќе од пет тони марихуана во селото Коњух, во близина на Крушевац. Станува збор за една од најголемите акции против организиран криминал поврзан со дрога во Србија.
Притвор им е одреден на Н.С., Р.С. и И.Д. по сите законски основи – поради опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци, ризик од повторување на кривичното дело, како и поради вознемирување на јавноста, соопштија од судот.
Јавното обвинителство за организиран криминал претходно донесе наредба за спроведување истрага против пет лица, меѓу кои и Александар Мијаловиќ, кој според обвинителството е означен како организатор на криминалната група. Тој во моментот е во бегство, а судот разгледува издавање национална и меѓународна потерница.
Останатите осомничени – Небојша Спасоевиќ, Раде Спасоевиќ, Иван Драгниќ и Урош Младеновски – на распит во обвинителството се повикале на законското право да се бранат со молчење.
Според досегашните наоди од истрагата, организираната криминална група делувала на меѓународно ниво. Во текот на јануари годинава, марихуаната била набавена на територијата на Северна Македонија, по што била нелегално пренесена преку граница во Србија.
Дрогата била транспортирана до магацин во сопственост на семејството Спасоевиќ, од каде што подоцна била преземана за понатамошна дистрибуција. Посебно внимание привлекува фактот што еден од осомничените е сопственик на компанија регистрирана во Скопје за производство и преработка на медицински канабис.
Надлежните институции најавуваат дека истрагата ќе продолжи со цел целосно расветлување на случајот, утврдување на потеклото на дрогата и идентификација на сите лица вклучени во криминалната мрежа.
Марихуаната беше запленета во четвртокот, а нејзината вредност на црниот пазар се проценува на помеѓу седум и десет милиони евра, што оваа акција ја прави најголема заплена на дрога досега во Србија.









