Објавени се сите детали за влезниците за David Guetta кои чинат 35 денари!
Големиот концертен спектакл на David Guetta во Скопје веќе предизвикува огромен интерес, а сега се познати и сите официјални детали околу влезниците за настанот „The Monolith Show“, кој ќе се одржи на 8 септември во Arena Todor Proeski.
Настанот е дел од одбележувањето на 35 години независност, а организаторите потврдија дека цената на билетите ќе биде симболична – само 35 денари.
Кога започнува продажбата на влезници
Според официјалната објава, влезниците ќе бидат пуштени во продажба во петок, 15 мај, и ќе можат да се набават исклучиво преку платформата Avalon Booking.
Организаторите предупредуваат дека капацитетот на стадионот е ограничен и апелираат заинтересираните да реагираат навреме.
Ќе има стоење и седење
Публиката ќе може да избира меѓу влезници за стоење и за седење на трибините.
За трибините ќе важи нумериран систем, што значи дека при купување ќе мора да се избере конкретно седиште. Влезниците за стоење нема да бидат нумерирани.
И покрај големината на продукцијата и светската популарност на David Guetta, организаторите потенцираат дека 35 денари е единствениот трошок за обезбедување билет за концертот.
Скопје се подготвува за еден од најголемите музички настани
Настапот на светски познатиот диџеј и продуцент се очекува да биде еден од најголемите музички настани организирани во Македонија во последните години.
„The Monolith Show“ е познат по големата визуелна продукција, светлосни ефекти и спектакуларна сценографија, а интересот на социјалните мрежи веќе расте по вчерашната официјална најава.
Се очекува во наредните денови дополнително да бидат објавени и информации за организацијата, влезовите и безбедносните протоколи за посетителите.

