Нови снимки од Дубаи: Иран ја погоди Палм Џумеира, гори луксузен хотел

Снимки од Дубаи прикажуваат експлозии и пожар на Палм Џумеира и во комплексот Dubai Festival City. Засега нема официјална потврда за жртви.

На социјалните мрежи се појавија нови снимки од Дубаи, на кои се гледаат силни експлозии и пожар на островот Palm Jumeirah. Според неофицијални информации што кружат онлајн, Иран извршил напад врз оваа луксузна туристичка зона, а најмалку еден хотел бил директно погоден, по што избувнал голем пожар.

Палм Џумеира е архипелаг од вештачки острови во Персискиот Залив, во областа Џумеира во Обединетите Арапски Емирати. Островот има повеќе од 25.000 жители и е познат по ексклузивните вили, апартмани и хотелски комплекси. Од воздух, островот има форма на палма и е поделен на три дела – „стебло“, „листови“ и надворешен полумесец. Стеблото претставува мешана станбено-комерцијална зона, листовите се наменети за приватни куќи и вили, додека надворешниот дел е резервиран за луксузни одморалишта.

Паралелно со настаните на Палм Џумеира, на фотографии објавени онлајн се гледа пожар и во комплексот Dubai Festival City, голем проект со мешана намена на источниот брег на Dubai Creek. Овој комплекс, развиен од компанијата Al-Futtaim Real Estate, зафаќа површина од околу 5,2 милиони квадратни метри и функционира како „град во град“. Во него се наоѓаат станбени и деловни објекти, трговски центар со над 400 продавници, хотелски капацитети со повеќе од 1.600 соби, марина и голф терен.

Палм Џумеира е изградена од холандската компанија за јаружање Van Oord, која стои и зад проектот „Светските острови“ во Дубаи.

Засега нема официјална потврда од властите на Обединетите Арапски Емирати ниту информации за евентуални жртви. Информациите за нападот и неговите последици сè уште не се независно потврдени. Според објавите на социјалните мрежи, наводниот напад бил одмазда за претходните удари што ги извршиле Соединетите Американски Држави и Израел врз цели во Иран.

Ситуацијата е во развој, а повеќе информации се очекуваат од официјалните институции.