Нови детали за трагедијата во Карпош: Истрагата во тек, жената пријавувала семејно насилство

Жена и дете го загубија животот по пад од зграда во Карпош. Полицијата и обвинителството вршат истрага, се проверуваат сите околности, дали жената била жртва на семејно насилство.

Попладнево во скопската населба Карпош, на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, животот го загубија жена на возраст од околу 45 години и девојче на околу 10 години, по пад од станбена зграда.

Според првичните информации, настанот бил пријавен околу 14 часот, кога двете лица паднале од балкон на шести кат. На местото веднаш пристигнала екипа на Итната медицинска помош, која констатирала смрт кај двете лица.

Од Министерство за внатрешни работи информираа дека полициски екипи излегле на терен и вршат увид за утврдување на сите факти и околности поврзани со случајот. Во истрагата е вклучено и надлежното обвинителство.

Неофицијално, се проверуваат информации поврзани со семејни односи во домот. Според извори, сопругот бил присутен во станот во моментот на настанот и по падот веднаш се симнал пред зградата. Од него е земена изјава, а институциите ќе утврдат дали постојат елементи на евентуално семејно насилство или други околности што довеле до трагедијата.

Според неофицијални сознанија, во минатото имало пријави за нарушени семејни односи. Повеќе пати жената пријавувала семејно насилство, а честопати во помош и приоѓале соседите кои морале физички да се пресметуваат со сопругот, но овие информации засега не се официјално потврдени од надлежните органи.

Истрагата е во тек и повеќе детали се очекуваат по нејзиното завршување.