Нови детали: Осомничениот со години ја малтретирал сопругата, дента кога се убила ја истепал и се заканувал
Обвинителството отвори постапка и побара притвор за осомничениот во врска со трагедијата во скопската населба Карпош, во која животот го загубија мајка и нејзината шестгодишна ќерка, дента кога се случи трагедијата ја истепал и се заканувал по живот.
Основно јавно обвинителство Скопје поведе постапка и предложи мерка притвор за Стојанче Јовановски, осомничен за кривични дела поврзани со трагичниот настан во Карпош во Скопје, во кој животот го загубија Ивана Јовановска и нејзината шестгодишна ќерка Катја.
Според информациите од обвинителството, постои основано сомнение дека осомничениот, сопруг на починатата со кого била во бракоразводна постапка, со години ја малтретирал физички и психички.
Од 2019 година па сè до почетокот на март 2026 година, тој наводно во повеќе наврати ја навредувал, понижувал и физички ја напаѓал, при што ѝ нанесувал видливи повреди по телото. Овие настани, како што наведуваат од обвинителството, биле пријавувани и од самата жена, како и од сведоци во надлежните институции.
Според прибраните докази, насилството дополнително се интензивирало во текот на 2025 и 2026 година.
На денот на трагедијата, откако шестгодишното дете било земено од училиште, сведок ги однел до домот за жената да се спакува и да замине кај својата мајка. Додека сведокот и осомничениот чекале пред зградата, таа се заклучила во станот со детето.
Подоцна се случил трагичниот настан, по што двете биле пронајдени без знаци на живот пред зградата.
„Од кривичната пријава како и од дополнително прибавените докази, произлегува дека во периодот од 2019 година па се до 2 март кога оштетената – сега починатата Ивана Јовановски, донела одлука да си го одземе животот, осомничениот, нејзин сопруг со кој била во бракоразводна постапка, во повеќе наврати и во континуитет физички и психички ја малтретирал, постојано ја навредувал, ја тепал, ја понижувал и и нанесувал видливи повреди по целото тело. Овие настани сега починатата, но и очевидци и други сведоци ги пријавувале во надлежните институции. Ваквото сурово и нечовечно постапување од страна на пријавениот како нејзин сопруг се интензивирале во текот на 2025 и 2026 година, поради што сега починатата се нашла во безизлезна состојба и се одлучила на самоубиство, го зела во рацете детето и скокнала од балконот на шестиот кат од станот во кој што живееле, по што двете паднале на бетонската подлога пред зградата и починале на лице место“, велат од Обвинителството.
„На критичниот ден претходеле неколку настани, а осомничениот најпрво се заканувал и започнал да ја удира оштетената во близина на нејзиното работно место. Потоа, додека со автомобил управуван од трето лице се возеле кон Основниот кривичен суд Скопје, продолжил да и се заканува дека ќе ја убие со што предизвикал кај неа чувство на страв и несигурност. Во близина на судот физички ја нападнал и и нанел телесни повреди – хематоми по главата и телото. Откако од училиште ја зеле 6-годишната ќерка, сведокот ги однел до домот за оштетената да се спакува и да ја носи кај мајка и. Додека сведокот и осомничениот седеле пред зградата, оштетената се заклучила во станот со детето и од таму го извршила самоубиството“, велат од Обвинителството.
Обвинителството наведува дека постапувањето на осомничениот се третира како кривични дела наведување и помагање во самоубиство, телесна повреда и загрозување на сигурноста.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот, поради опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и ризик од повторување на кривично дело.
Од обвинителството информираат дека истрагата продолжува и дека се прибираат дополнителни докази за овој, како што велат, сложен случај.









