Независни за Карпош бараат итни мерки поради глутници бездомни кучиња во Карпош 4. Видео!
Независни за Карпош бараат итни и конкретни мерки за решавање на проблемот со бездомните кучиња и глутниците, по серија напади и инциденти во општината.
Од иницијативата Независни за Карпош алармираат дека проблемот со бездомните кучиња и глутниците на територијата на Карпош ескалира од ден на ден, по појавата на вознемирувачка снимка на која се гледа како глутница кучиња брка човек низ населбата.
Тие бараат итно формирање кризен штаб во општината, во кој би учествувале вработени од Општина Карпош, претставници од Град Скопје, други скопски општини, лица од Министерство за внатрешни работи, АХВ, ЈП Лајка, како и ветеринари кои работат на територијата на општината.
Според нив, кучињата кои се идентификувани дека потекнуваат од други општини или држави треба итно да се вратат назад, а одговорните лица да се идентификуваат и санкционираат со помош на МВР и системот „Сејф сити“. Дополнително, се бара проверка на камерите за деновите и локациите каде што претходно било пријавено истоварување на групи бездомни кучиња, како и јавно да се соопшти што е преземено по тие пријави.
Независни за Карпош предлагаат и постојани патроли на влезовите и излезите од општината, со цел контрола на возила кои можат да транспортираат кучиња, како и измени на законите и подзаконските акти доколку тоа е неопходно за системско решавање на проблемот на државно ниво.
„Карпош не може сам да се справи со нови и нови глутници. Лајка не може да постигне со заловувањето, а враќањето на кучињата на истите локации не го решава проблемот“, велат од иницијативата, посочувајќи дека само во делот околу Сити Мол и кејот има над 30 бездомни кучиња, според сведоштва на жители.
Во последниот месец, како што наведуваат, имало повеќе напади врз луѓе кај Сити Мол и на кејот, а загриженоста дополнително се зголемила по неодамнешниот инцидент со давење мачки во Карпош 4. Родителите, велат тие, со право се загрижени за безбедноста на своите деца.
„Општината не смее да дозволи граѓаните да живеат во страв, ниту пак да преземаат мерки на своја рака. Потребни се итни и конкретни активности“, порачуваат од Независни за Карпош, додавајќи дека барањето е доставено до градоначалникот и очекуваат брза и координирана реакција.









