Невиден шок на ЗОИ: Освои медал, па јавно призна дека ја изневерил девојката

Норвешкиот биатлонец Стурла Холм Легрејд ја шокираше јавноста откако по освојувањето бронзен медал на ЗОИ во Кортина јавно призна дека ја изневерил својата девојка.

Норвешкиот биатлонец Стурла Холм Легрејд предизвика вистински шок во спортската јавност откако по освојувањето на олимписки медал реши јавно да направи неочекувано признание. Наместо вообичаени спортски пораки и славење на успехот, тој пред камерите зборуваше за лична грешка што длабоко го обележала.

Легрејд го освои бронзениот медал во биатлонската трка на 20 километри на Зимските олимписки игри во Кортина, но моментот на триумф го искористи за искрена исповед. Дваесет и осумгодишниот спортист откри дека ја изневерил својата девојка и дека искрено се кае за тоа.

„Имаше некој со кого сакав да го споделам ова, дури и ако денес не го гледа интервјуто. Пред шест месеци ја запознав љубовта на мојот живот – најубавата и најдобрата личност што ја познавам. А пред три месеци ја направив најголемата грешка и ја изневерив“, изјави Легрејд.

Тој додаде дека сакал да биде пример, но дека морал да се соочи со сопствената одговорност и да ѝ ја каже вистината, што за него било најтешкиот период во животот. Неговата искреност предизвика бројни реакции, бидејќи вакви лични признанија ретко се слушаат, особено по освојување медал на најголемата спортска сцена.

Во истата дисциплина, златниот медал го освои неговиот сонародник Јохан-Олав Ботн, кој имаше совршен настап и погоди сите 20 цели на стрелиштето.