Немаме многу време: Да донираме за лекување на 10-годишната Ева

Итен хуманитарен апел за лекување на 10-годишната Ева која се бори со агресивен остеосарком. Потребна е помош за лекување во Германија.

Македонија повторно е исправена пред хуманитарен апел што не смее да остане без одговор. 10-годишната Ева, весело, љубопитно и храбро девојче, се соочува со најтешката битка во својот живот – борба со агресивна форма на остеосарком, редок и малиген рак на коските кој напредува брзо и бара итен, комплексен третман.

Според лекарските наоди, туморот е класифициран како високостепен, со ризик од ширење, а овој тип на заболување не може да се лекува во Македонија. Поради тоа, лекарите едногласно препорачале итно лекување во странство, во високо специјализиран медицински центар.

Во моментов, Ева се наоѓа во Минхен, Германија, каде што е примена во специјализирана клиника. Таа ја завршува последната фаза од деталната дијагностика – по веќе направените МРИ, биопсија, рендгенски снимки и обемни крвни анализи, за следната недела ѝ е закажано и ПЕТ/КТ скенирање, кое ќе ја потврди точната состојба и ќе го дефинира финалниот терапевтски план.

Планиран третман во три фази

Според лекарите, лекувањето ќе биде долго, физички и психички исцрпувачко, но неопходно за спас на животот:

  1. Околу два месеци интензивна хемотерапија

  2. Хируршка интервенција за целосно отстранување на туморот

  3. Дополнителни шест месеци хемотерапија за спречување на повторна појава на болеста

Сите овие фази бараат огромни финансиски средства – за медицински третмани, престој, лекови, специјализирана нега и логистика за семејството кое постојано мора да биде покрај неа.

Апел од семејството

„Ви се обраќаме со отворено срце и надеж. Ева е нашето мало сонце и најважната личност во нашиот свет. Таа не заслужува да се бори сама. Времето е клучно и секоја помош значи чекор поблиску до нејзиното оздравување“, наведува семејството во апелот до јавноста.

Донирајте тука:

https://ecrowd.mk/projects/32e3d013-ee25-4087-83c8-d0e29fb42960