„Некои луѓе се родени да бидат херои“ – Илчо носел повредени на раце по пожарот во „Пулс“,

Херојската приказна за возачот на Брза помош Илчо Гоцевски од Кочани, кој спасувал повредени во пожарот во дискотеката „Пулс“, но починал од срцев удар по огромниот напор.

Возачот на Брза помош Илчо Гоцевски почина неполни 24 часа по трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, откако со часови им помагал на повредените во катастрофалниот пожар. Неговата сопруга во разговор за „Фокус“ раскажа дека Илчо бил меѓу првите кои пристигнале на местото на несреќата и се соочил со сцени кои, како што вели, „не се гледаат ни на филм“.

Таа објаснува дека на 16 март Илчо бил на повик речиси целиот ден, а во 19 часот ја започнал својата ноќна смена која траела до 7 часот наутро. Кога добиле повик за интервенција во дискотеката „Пулс“, екипата првично мислела дека станува збор за вообичаен случај – дека некому му се слошило. Но кога пристигнале, ги пречекале сцени на паника, врескање и хаос.

Илчо и неговата екипа веднаш започнале со евакуација на повредените. Луѓето сами влегувале во амбулантното возило барајќи помош, а во еден момент во него имало и по дваесетина лица. Тој превезувал повредени, но и починати, додека дел од повредените имале тешки изгореници и силни болки.

Според сведоштвото на неговата сопруга, се зборувало дека Илчо повеќепати возел на релацијата Кочани – Скопје, носејќи повредени на лекување. Дури и по завршувањето на смената продолжил да работи, бидејќи ситуацијата била вонредна и имало огромен број настрадани.

Кога конечно се вратил дома, ѝ рекол дека додека им давал кислород на повредените, заборавил самиот да земе, иако повеќепати влегувал во објектот за да извлече луѓе. Бил целосно исцрпен, со потемнето и модро лице. Само кажал дека се случила огромна трагедија и дека носел деца на раце – меѓу нив и пријатели на нивниот син.

Неколку часа подоцна, неговата сопруга забележала дека не реагира. Веднаш повикала Брза помош, а на интервенција дошла токму екипата со која Илчо работел. Колегите биле во шок, бидејќи само неколку часа претходно заедно спасувале луѓе. Еден од нив дури се онесвестил.

Според лекарите, Илчо починал од срцев удар, најверојатно како последица на огромниот физички и емоционален напор.

Трагедијата оставила тешки последици врз неговото семејство, особено врз нивниот син, кој тогаш имал 17 години. Освен што го изгубил татко си, во пожарот загинале и негови пријатели, па момчето и денес посетува психолози и не оди редовно на настава.

Семејството добило поддршка од локалната заедница, како и од организации како Црвен крст и „Сапорт Кочани“, но сопругата вели дека помошта од државата била недоволна.

„Иле имаше многу признанија за хуманост. Мислам дека некои луѓе навистина се родени да бидат херои. Тој целиот живот го помина помагајќи им на другите“, вели таа.

Илчо работел 18 години во болницата во Кочани и бил познат како човек кој секогаш им излегувал во пресрет на луѓето од целиот источен регион.

На годишнината од трагедијата, неговата сопруга испраќа порака за сплотеност и хуманост.

„Иле ни покажа дека и обичен човек може да биде херој – човек кој целиот живот им помага на другите, па дури и по цена на сопствениот живот“, порача таа.