Насилникот задржан во полиција – Обвинителството истражува кривична одговорност за трагедијата во Карпош

Обвинителството истражува кривична одговорност по трагедијата во Карпош. Сопругот на жртвата е задржан во полициска станица, се вршат распити и претрес.

Основното јавно обвинителство Скопје информира дека се преземени сите неопходни мерки за целосно расчистување на трагедијата што се случи во скопската населба Карпош, каде мајка и нејзината малолетна ќерка го загубија животот при пад од станбена зграда.

Според соопштението, сопругот и татко на жртвите, за кого во јавноста се појавија информации и сведоштва за долгогодишно семејно насилство, во моментов се наоѓа во полициска станица. Обвинителството испитува евентуална кривична одговорност.

Обезбедена е наредба од судија на претходна постапка за детален претрес на станот, кој по извршениот увид бил запечатен. Првичните сознанија укажуваат дека во моментот на настанот мајката и девојчето биле сами во станот, кој бил заклучен од внатрешната страна.

По наредба на јавен обвинител се вршат распити на повеќе лица, екстракција на податоци од мобилни телефони, како и обезбедување на снимки од видео надзор од неколку локации. Наредена е и обдукција на телата.

Воедно, Обвинителството побарало детални информации од Министерството за внатрешни работи и од Центарот за социјални работи за евентуални претходни пријави или поплаки од страна на починатата. Најавено е и испитување на постапувањето на институциите по тие пријави.

Јавноста остана длабоко потресена од трагедијата. Александар Стојаноски, брат на починатата, на социјалните мрежи напиша дека „денес се случи убиство“, тврдејќи дека неговата сестра и внука со години биле жртви на семејно насилство.

Истрагата продолжува, а од надлежните институции најавуваат целосно расветлување на случајот.