„Најдепресивниот ден во годината“: мит или вистина?
Секој јануари, третиот понеделник во месецот се прогласува за „најлошиот и најдепресивниот ден во годината“. Социјалните мрежи и медиумите се преплавени со предупредувања, мрачни пораки и алармантни наслови. Но, дали Blue Monday навистина постои – или станува збор за мит што сам си го храниме?
Blue Monday, третиот понеделник во јануари, често се нарекува „најдепресивниот ден во годината“. Сепак, експертите по ментално здравје предупредуваат дека концептот нема научна основа и може да има негативно психолошко влијание, особено кај лица со анксиозност или депресија.
Од каде потекнува Blue Monday?
Брза интернет-пребарувачка ќе открие „факт“ што се повторува со години: третиот понеделник во јануари е најмрачниот ден во годината. Идејата толку длабоко се вкорени во колективната свест, што многумина однапред го очекуваат како неизбежна емоционална дупка во почетокот на годината.
Но прашањето е едноставно – кој и зошто го одлучил тоа?
Заборавена маркетиншка кампања
Концептот „Blue Monday“ го создаде психологот Клиф Арнал во 2005 година, како дел од маркетиншка кампања за туристичката компанија Sky Travel, која денес веќе не постои. Целта била едноставна: да се поттикнат луѓето да резервираат одмори во „најлошиот период од годината“.
Арнал дизајнирал формула што наводно го пресметува најдепресивниот ден, земајќи предвид фактори како:
- временски услови
- ниво на долгови
- месечна плата
- време поминато од Божиќ
- неисполнети новогодишни одлуки
- мотивација и потреба за промена
Резултатот секогаш паѓал во јануари – најчесто третиот понеделник.
Зошто формулата не е наука
Иако звучи „логично“, проблемот е очигледен: ваквите фактори не можат објективно да се измерат. Не постои начин научно да се пресмета, на пример, „времето од неуспехот да се исполни новогодишна одлука“ кај милијарди луѓе.
Поради тоа, стручната јавност едногласно го оценува Blue Monday како ненучен и манипулативен концепт, без реална психолошка основа.
Мит што почна да живее сам
Иако потекнува од реклама, Blue Monday со години се повторува и се пренесува како факт. Токму тука настанува проблемот. Според експертите, постојаното нагласување дека одреден ден е „најлош“ може да има сериозни последици.
Луѓето со веќе присутна анксиозност или депресија можат дополнително да ги влошат симптомите, чувствувајќи дека нивното страдање е однапред „закажано“.
Самоисполнувачко пророштво
Д-р Димитриос Паскос, психијатар, објаснува дека очекувањата силно го обликуваат емоционалното искуство.
Кога некој очекува лош ден, несвесно почнува да бара докази дека навистина се чувствува лошо. Во тој контекст, сосема нормални падови на енергија или мотивација може да изгледаат драматично и загрижувачки.
Овој процес во психологијата е познат како пристрасност на потврда.
Кога наративот станува опасен
Дополнителен проблем е што луѓето, очекувајќи „лош ден“, често престануваат да прават работи што им помагаат – дружење, физичка активност, рутина. Така, очекувањето за депресија реално придонесува таа да се почувствува посилно.
Простор за разговор, не за паника
И покрај сè, експертите истакнуваат дека Blue Monday може да има и една позитивна страна – ако се користи како повод за отворен разговор за менталното здравје. Но само доколку јасно се нагласи дека не постои „загарантиран најлош ден во годината“.
Менталното здравје не следи календар. А етикетите, колку и да звучат убедливо, понекогаш носат повеќе штета отколку корист.









