Над 300 лица киднапирани во напад на град во Нигерија, меѓу нив жени и деца

Повеќе од 300 лица, меѓу кои жени и деца, се киднапирани во напад на милитанти врз град во североисточна Нигерија. Властите се сомневаат дека зад нападот стои групата Боко Харам.

Повеќе од 300 лица, меѓу кои жени и деца, биле киднапирани во напад на вооружени исламистички милитанти врз градот Нгоше во североисточниот дел на Нигерија, соопштија локални официјални претставници.

Според информациите, вооружени напаѓачи упаднале во градот кој се наоѓа во сојузната држава Борно. Нападот го потврди Булaма Сава, претставник од областа Гвоза, пренесува Скај њуз.

Засега ниту една група не ја презеде одговорноста за нападот, но властите претпоставуваат дека станува збор за одмазда по операцијата на нигериската војска во која биле убиени тројца команданти на милитантната група Боко Харам.

Портпаролот на нигериската војска Уба Сани изјави дека од средата до денес биле регистрирани и одвоени напади во местата Кондуга, Марте, Џакана и Маинок.

Тој додаде дека војниците ги одбиле овие напади, но дека во судирите загинале повеќе војници, меѓу кои и еден висок офицер.

Засега не се објавени точни податоци за бројот на цивилни или воени жртви.

Масовните киднапирања стануваат сè почести во Нигерија, каде вооружени групи често напаѓаат оддалечени заедници во кои присуството на државата и безбедносните сили е ограничено.