МВР: Уапсен Саит Саитов во Белград, следува екстрадиција во Македонија

МВР потврди дека 18-годишниот Саит Саитов, осомничен за прегазување жена во Капиштец и бегство од местото на настанот, е уапсен во Белград. Одреден му е екстрадициски притвор.

Министерството за внатрешни работи соопшти дека на 11.02.2026 година во Белград е лишен од слобода 18-годишниот Саит Саитов од Скопје, кој се бараше со меѓународна потерница.

Саитов е осомничен за тешки кривични дела „против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ и „неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода“, поврзани со настанот што се случи на 09.01.2026 година во скопската населба Капиштец, кога беше прегазена жена, по што возачот избегал од местото.

Од МВР информираат дека за него била распишана меѓународна потерница откако ја напуштил државата.

„Од страна на надлежните служби во Србија сме известени дека во Белград е лишен од слобода лицето кое се бара со меѓународна потерница распишана од македонското МВР“, соопштија од Министерството.

На Саитов му е одреден екстрадициски притвор, а во наредниот период ќе следува постапка меѓу министерствата за правда на Македонија и Србија, со цел негово екстрадирање и изведување пред надлежните органи во земјава.

Во меѓувреме, адвокатот Звонко Давидовиќ во подкаст изјава посочи дека апсењето било извршено во Србија и дека постојат информации оти бил приведен и неговиот татко. Според него, роднините тврделе дека не знаеле за сообраќајната несреќа кога му помогнале да ја напушти државата.

Надлежните институции најавуваат понатамошна постапка согласно законските процедури.