Момче од Тетовско планирало масовно убиство – по дојава од ФБИ пронајден арсенал оружје
20-годишно момче од Мала Речица е уапсено откако преку Дискорд се заканувало со масовно убиство. Акцијата следела по дојава од ФБИ, а при претрес е пронајден арсенал оружје.
20-годишно момче од тетовското село Мала Речица е уапсено откако преку социјалната мрежа Discord упатувало сериозни закани за извршување масовно убиство. Акцијата на македонската полиција следела по дојава од Федералното биро за истраги (ФБИ), кое ги забележало заканите и преку дипломатски канали ја алармирало нашата држава.
Како што соопштија од Министерството за внатрешни работи, по добиените информации бил извршен претрес во домот на осомничениот, при што е пронајден цел арсенал оружје. Уапсен е и неговиот 89-годишен дедо, кој ќе одговара за недозволено држење оружје, додека внукот ќе биде гонет за тероризам.
Од Основното јавно обвинителство ГОКК информираат дека осомничениот К.Х. (20) кон крајот на јануари годинава испратил порака со закана дека е подготвен да изврши вооружен напад, при што се повикувал на трагичен настан во САД од 2012 година.
Заканите биле детектирани од ФБИ, кое ја известило Амбасадата на САД во Скопје, а таа, пак, ги алармирала македонските институции. По идентификацијата на профилот, на 17 февруари 2026 година, полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал – Сектор за борба против тероризам, со асистенција на САЕ Тигар, извршиле претреси на неколку локации.
При акцијата биле одземени автоматска пушка АК-47 со муниција, пиштоли, повеќе од 600 куршуми различен калибар, тактички и заштитни елеци, ножеви и електронски уреди кои ќе служат како доказен материјал.
Осомничените се приведени и против нив се поднесени кривични пријави, а истрагата продолжува.










