Мистерија на Сицилија: Пронајдени тела на тројца ловци во шума кај Месина
Тела на тројца ловци се пронајдени во шума кај Месина на Сицилија со прострелни рани, а италијанската полиција истражува повеќе можни сценарија, вклучувајќи убиство и самоубиство или вмешаност на трето лице.
Тела на тројца мажи облечени во ловечка опрема се пронајдени во шумска област во близина на градот Месина на италијанскиот остров Сицилија, а полицијата работи на расветлување на мистериозниот случај.
Според првичните информации, телата биле откриени во шумскиот предел на општината Неброди, област која често се користи за лов. Кај сите тројца мажи биле забележани прострелни рани нанесени со ловечко оружје.
Италијанските медиуми јавуваат дека исчезнатите последен пат биле видени на денот кога тргнале во лов, а најмалку еден од нив со себе имал ловечка пушка. Станува збор за лица кои не биле познати на полицијата по криминални активности и живееле во истиот регион.
Телата ги пронашле случајни минувачи кои веднаш ги известиле надлежните служби. На местото на настанот пристигнале карабинерите, јавен обвинител и екипи на судска медицина, кои започнале детална истрага и увид.
Засега не е исклучена ниту една можност. Истражителите разгледуваат неколку сценарија – двојно убиство и самоубиство, или пак вмешаност на трето лице. Во тек е потрага и по евентуално друго оружје кое би можело да помогне во расветлување на случајот.
Од полицијата соопштуваат дека истрагата е во почетна фаза и дека повеќе информации ќе бидат соопштени откако ќе бидат завршени обдукциите и балистичките вештачења.









