МИ6 открива: Путин ја турка Европа кон раб на војна

МИ6 предупредува дека Путин намерно ја исцрпува Украина и го тестира НАТО со саботажи, сајбер напади и стратегии „на работ на војна“.

Британската разузнавачка служба МИ6 јавно ја разоткри стратегијата на рускиот претседател Владимир Путин, оценувајќи дека Москва свесно ја одолговлекува војната во Украина со цел да го исцрпи Западот и да го доведе НАТО до точка на сериозен безбедносен судир.

Директорката на МИ6, Блез Метревели, во своето прво јавно обраќање откако ја презеде функцијата, изјави дека Путин тактички ги одложува мировните преговори и применува методи кои се „опасно блиску до отворен конфликт“. Според неа, Русија дејствува во сива зона помеѓу мир и војна, каде што правилата намерно се заматуваат.

Метревели нагласи дека Кремљ останува решен да ја потчини Украина и паралелно да создава постојан притисок врз земјите членки на НАТО. Таа ја обвини Москва за организирани сајбер напади врз критична инфраструктура, напади со дронови врз европски аеродроми, саботажи, палења, ширење дезинформации и агресивни активности на море, во воздух и под морската површина.

„Извозот на хаос не е несакан ефект, туку централна цел на руската стратегија“, предупреди Метревели, додавајќи дека Западот мора да биде подготвен за долготрајна конфронтација сè додека Путин не биде принуден да ги промени своите пресметки.

Ова остро предупредување доаѓа во чувствителен момент, кога продолжуваат разговорите меѓу САД и Украина за можен крај на речиси четиригодишната војна. Во исто време, западните безбедносни служби сè појасно сигнализираат дека заканата од Русија не е теоретска, туку активна и системска.

Началникот на британскиот Генералштаб, Ричард Најтон, дополнително алармираше дека крајната цел на Путин е да го ослаби, подели и на крај да го уништи НАТО. Пораката е јасна: ова не е само војна за Украина, туку тест за издржливоста на целиот западен безбедносен поредок.