Мет Дејмон: Холивуд ме прави депресивен
Иако важи за еден од најплатените и највлијателни актери во Холивуд, Мет Дејмон без задршка признава дека филмската индустрија повеќе не го инспирира. Напротив – ја доживува како креативно осиромашена, финансиски изопачена и заробена во формули што ја убиваат оригиналноста. Неговата порака е јасна: нешто суштински не е во ред.
Мет Дејмон јавно критикува дека Холивуд е заробен од скапи блокбастери и предвидливи сценарија. Според него, филмовите со силни приказни и среден буџет исчезнале, заменети со спектакли од 300 милиони долари, што доведува до креативна стагнација и разочарување дури и кај најголемите ѕвезди.
„Мразам филмови со наметки од 300 милиони долари“
Дејмон со години отворено зборува за својот отпор кон доминацијата на мегаблокбастерите, особено суперхеројските филмови кои, како што иронично вели, се сведуваат на „луѓе во наметки што трчаат наоколу“. Уште во 2016 година тој предупреди дека ваквиот модел ќе има сериозни последици.
„Искрено, многу сум депресивен поради состојбата на индустријата денес. Се снимаат огромни филмови од 300 милиони долари, а сè друго исчезнува“, изјави Дејмон во интервју за списанието Far Out.
Каде исчезнаа филмовите со душа?
Актерот посочува дека токму ваквите продукции ги истиснале филмовите што некогаш биле столбот на неговата кариера. Проекти како „Добриот Вил Хантинг“ или „Информер“ денес речиси и да немаат место во кино-салите.
„Филмовите што ми беа леб и путер едноставно повеќе не се снимаат. Или завршуваат како ТВ-проекти, или се реализираат со минимални буџети што не дозволуваат квалитет“, вели тој.
Од спас на кариерата до исчезнат жанр
Дејмон отворено признава дека токму овие филмови му ја дефинирале кариерата и го извлекле од ризикот да остане само краткотраен хит. Потоа следеше внимателно изграден пат: соработка со врвни режисери, внимателно избрани жанровски улоги, ансамбл-филмови и повремени камео појавувања.
Но, моделот што функционираше со децении, според него, веќе десетина години е во слободен пад.
Проблемот не е само во парите, туку во приказните
Освен буџетите, Дејмон го лоцира коренот на проблемот во сценаријата. Според него, современиот Холивуд сè повеќе се откажува од сложени ликови и непредвидливи наративи.
„Сценаријата станаа премногу едноставни, а приказните предвидливи. Се губи ризикот, а со тоа и магијата“, нагласува актерот.
Прилагодување наместо борба со системот
И покрај критиките, Дејмон не бега од реалноста. Годинава тој глумеше и продуцираше филм со Бен Афлек за Нетфликс – The Rip. Свесно прифатил поедноставен и повторувачки заплет, бидејќи, како што вели, денешната публика често ги гледа филмовите на мобилен телефон, со расеано внимание.
Пораката е горчлива, но искрена: кога системот не можеш да го смениш, мораш да му се прилагодиш – дури и ако тоа значи компромис со сопствените уметнички стандарди.









