Макрон со очила за сонце на говорница во Давос: предупреди на „свет без правила“ и испрати порака до Трамп

Емануел Макрон со очила за сонце се појави на Светскиот економски форум во Давос, испраќајќи силни пораки за свет без правила, Европа и односите со Доналд Трамп.

Францускиот претседател Емануел Макрон го привлече вниманието на светската јавност со својот настап на Светскиот економски форум во Давос, каде се појави носејќи очила за сонце поради повреда на окото. Иако неговиот изглед изненади многумина, пораките што ги испрати од говорницата беа сериозни и остри.

Обраќајќи им се на светските лидери и претставниците на бизнис-заедницата, Макрон истакна дека Европа располага со „многу моќни алатки“ во трговската политика и дека мора да ги користи кога нејзините интереси не се почитуваат. Тој повторно се повика на инструментот на Европската унија „против присила“, кој во Брисел се смета за крајна мерка во случај на трговска војна или воведување царини од страна на Соединетите Американски Држави.

„Се движиме кон свет беззаконие, каде што законот повеќе не е она што го познаваме, туку станува закон на посилниот“, порача Макрон.

макрон

Тој најави дека во 2026 година, заедно со другите европски лидери, ќе работи на зајакнување на Европа и нејзината стратешка автономија. Според него, светот се соочува со судир меѓу автократијата и демократијата, раст на насилството и рекорден број конфликти – повеќе од 60 во текот на 2024 година.

Макрон предупреди дека конфликтите стануваат „нормализирани и хибридни“, проширувајќи се во нови сфери како сајбер-просторот, дигиталните информации, трговијата и дури и вселената. Тој додаде дека меѓународното право сè почесто се гази, а империјалните амбиции повторно излегуваат на површина.

Францускиот претседател истакна дека војната во Украина влегува во својата четврта година, додека конфликтите продолжуваат и на Блискиот Исток и низ Африка. Според него, светот се движи кон состојба на ослабен мултилатерализам и неефикасно колективно управување.

Тој ја критикуваше и конкуренцијата од САД, оценувајќи дека трговските договори и новите царини ги поткопуваат европските извозни интереси и се користат како средство за притисок врз суверенитетот на европските земји.

„Во свет кој се брутализира, Франција и Европа мора да го бранат ефикасниот мултилатерализам“, порача Макрон, додавајќи дека одговорот е повеќе суверенитет и автономија за Европа, но и посилна меѓународна соработка.

Говорот на Макрон следуваше откако американскиот претседател Доналд Трамп објави порака на социјалната мрежа Truth Social, во која откри дел од приватната комуникација меѓу двајцата лидери. Во пораката, Макрон изразил несогласување со потезите на САД околу Гренланд и му предложил на Трамп средба во Париз, во формат на Г7.

Според објавените информации, Макрон му предложил и неформална вечера во Париз, на која би можеле да присуствуваат и претставници од Украина, Данска, Сирија и Русија.