Македонски бисер во „Максимир“: Александар Грашески потпиша прв договор со Динамо Загреб

Македонскиот фудбалски талент Александар Грашески потпиша прв професионален договор со Динамо Загреб и продолжува да се развива во младинскиот погон на хрватскиот гигант.

Младинскиот репрезентативец на Македонија, Александар Грашески, направи голем чекор напред во својата фудбалска кариера откако официјално го потпиша првиот договор со хрватскиот гигант Динамо Загреб.

Талентираниот 17-годишен офанзивец летово се приклучи на јуниорскиот погон на „модрите“, а со одличните настапи во младинските категории брзо ја оправда довербата на стручниот штаб. Како награда за посветената работа и константниот напредок, Грашески доби стипендиски договор и ќе продолжи да се развива во еден од најреномираните фудбалски системи во регионот.

Грашески настапува за екипата на Динамо Загреб до 19 години во јуниорската лига, а клубот од „Максимир“ јасно покажа дека сериозно смета на неговиот потенцијал и долгорочен развој. Потписот на договорот претставува силна мотивација за младиот Македонец во продолжението од кариерата.

Фудбалските почетоци ги направи во Вардар, по што беше дел и од Њу Старс Скопје. Во февруари минатата година се пресели во Хрватска, каде настапуваше за Максимир и доби можност да игра и сениорски фудбал во Третата лига. Токму тие настапи го свртеа вниманието кон него, што резултираше со трансфер во Динамо Загреб во август.

На репрезентативен план, Грашески зад себе има богато искуство. Тој ги мина сите младински селекции на Македонија до својата возраст, со повеќе од 30 настапи за У15, У16 и У17 репрезентациите. Моментално е дел од У18 националниот тим предводен од селекторот Димитар Капинковски, каде важи и за еден од капитените.

Со овој договор, Александар Грашески уште еднаш потврди дека македонскиот фудбал располага со млади и перспективни играчи кои имаат потенцијал за голема европска кариера.