Македонија на 84-то место по корупција во 2025 година, покажува CPI

Македонија освои 40 поени и се најде на 84-то место на Индексот на перцепција на корупцијата за 2025 година. Корупцијата останува сериозен предизвик, покажува извештајот на Транспаренси Интернешнл.

Индексот на перцепција на корупцијата (CPI) за 2025 година покажува дека корупцијата останува сериозна закана во многу земји низ светот. Извештајот на Транспаренси Интернешнл предупредува дека слабеењето на демократските механизми и притисоците врз независните медиуми и граѓанското општество ја намалуваат транспарентноста и отчетноста на владите, што овозможува ширење на корупцијата.

Индексот CPI рангира 182 земји и територии според нивото на корупција во јавниот сектор на скала од 0 (многу корумпирана) до 100 (многу транспарентна). Глобалниот просек падна на 42 поени, а повеќе од две третини од земјите имаат резултат под 50. Земјите од Источна Европа, Блискиот Исток и Африка се меѓу најлошите.

Македонија освои 40 поени и се најде на 84-то место, што е ист резултат како минатата година, кога беше на 88-то место. Транспаренси Интернешнл нагласува дека резултатот е поважен од самото рангирање, бидејќи рангирањето зависи и од бројот на земји вклучени во анализата.

Од земјите од поранешна Југославија:

  • Босна и Херцеговина е на 109-то место со 34 поени, полошо од минатата година.

  • Србија е на 116-то место со 33 поени, подобро од претходната година.

  • Словенија е на 41-во место со 58 поени, полошо од минатата година.

Од соседните земји:

  • Албанија е на 91-во место со 39 поени.

  • Бугарија има 40 поени, исто како Македонија.

  • Грција е на 56-то место со 50 поени, со скок од минатата година.

  • Косово е на 76-то место со 46 поени.

На врвот на листата се наоѓа Данска со 89 поени, следена од Финска со 88 поени. Меѓу првите 10 се уште и Сингапур, Нов Зеланд, Норвешка, Шведска, Швајцарија, Луксембург, Холандија и Германија.

На дното на листата се Јужен Судан, Сомалија, Венецуела, Јемен, Либија и Еритреја, земји со најниски резултати и највисоко ниво на корупција.