Мајкл Џексон снимен со Епстин, Клинтон и познати имиња
Американското Министерство за правда објави илјадници документи за случајот Епстин, меѓу кои и фотографии со Мајкл Џексон и Бил Клинтон.
Американското Министерство за правда објави стотици илјади документи поврзани со истрагата за покојниот финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епстин. Меѓу објавените материјали се наоѓаат и бројни фотографии што предизвикаа силен интерес во јавноста.
Во дел од документите се појавуваат фотографии на кои е прикажан „кралот на попот“ Мајкл Џексон во друштво на Епстин, поранешниот американски претседател Бил Клинтон и познатата пејачка Дајана Рос. На истите фотографии се забележуваат и неколку жени, чии лица се заштитени од јавноста.
Според достапните информации, фотографиите се направени за време на приватни дружења организирани од Епстин. Објавени се и дополнителни фотографии на кои Бил Клинтон е прикажан во неформални и опуштени ситуации со жени чии идентитети не се наведени во документите.
Мајкл Џексон, кој за време на својот живот беше предмет на сериозни обвинувања поврзани со злоупотреба на малолетници, никогаш правосилно не беше осуден. Сепак, неговото појавување во документите дополнително ја разгоре јавната дебата околу контактите и кругот на луѓе поврзани со Епстин.
Заменик-државниот обвинител на САД, Тод Бланш, изјави дека денеска се објавени „стотици илјади документи“ од истражните досиеја за Епстин, но дека тоа не е крај.
„Денес се објавуваат стотици илјади документи, а во наредните недели се очекува уште толку“, изјави Бланш, најавувајќи дека јавноста допрва ќе има увид во обемот на материјалите поврзани со случајот.
Случајот Џефри Епстин и понатаму останува еден од најконтроверзните во поновата американска историја, со далекусежни импликации што ги засегаат политиката, шоу-бизнисот и највисоките општествени кругови.










