Кривична пријава за свирепо убиство во кумановско – се истражува поврзаност со други случаи

Свирепо убиство во селото Челопек кај Куманово – поднесена кривична пријава против 25-годишен осомничен, се истражува можна поврзаност со други слични случаи.

СВР Куманово до Основното јавно обвинителство Куманово поднесе кривична пријава против Т.Б. (25) од Куманово, поради основано сомнение дека сторил кривично дело „убиство“ по член 123 став 2 точка 1 од Кривичниот законик.

Според пријавата, во периодот од 27 јануари до 12 февруари 2026 година, осомничениот во селото Челопек, во рамки на општина Старо Нагоричане, на свиреп и подмолен начин ја лишил од живот жена родена во 1947 година.

Истрагата утврдила дека осомничениот ја искористил околноста што жртвата живеела сама и била стара и немоќна. Во моментот кога влегол во нејзиниот дом, таа спиела, по што тој физички ја нападнал и ѝ задал повеќе удари, нанесувајќи ѝ тешки телесни повреди од кои подоцна починала.

Со интензивни и координирани активности на СВР Куманово, Одделот за криминалистичка полиција, Основното јавно обвинителство Куманово и истражниот центар при обвинителството, како и екипи од Институтот за судска медицина, обезбедени се докази кои укажуваат на можна поврзаност на овој настан со уште неколку слични случаи на подрачјето на кумановско.

Поради сличностите во изборот на жртвите и суровиот начин на извршување на делата, истражните органи проверуваат дали станува збор за убиства извршени од ист сторител. За една од потенцијалните жртви веќе е наредена ексхумација и обдукција, при што се подигнати траги и ДНК материјал кои се предмет на вештачење.

Надлежните институции продолжуваат со сложени анализи и дополнителни истражни дејствија, а дел од информациите засега не можат да бидат објавени поради тајноста на постапката.

Осомничениот е лишен од слобода веднаш по неговото откривање, а по предлог на јавен обвинител му е определена мерка притвор. Дополнително, наредено е и психијатриско вештачење од страна на тим форензички психијатри од Институтот за психијатрија во Скопје.