Колку склекови треба да можете да направите според возраста

Колку склекови треба да можете да направите според возраста? Дознајте кои се просечните резултати за мажи и жени и зошто склековите се важен показател за физичката форма и здравјето.

Склековите се една од наједноставните, но и најефикасните вежби за јакнење на телото. Тие ги активираат мускулите на градите, рамената, трицепсот и трупот, а помагаат и во секојдневни активности како носење потешки предмети и одржување правилно држење на телото. Поради тоа, многу фитнес тренери ги сметаат склековите за добар показател на физичката сила и кондиција.

Сепак, експертите нагласуваат дека бројот на склекови не е единствениот показател за добра форма. Личниот тренер Џозеф Веб истакнува дека резултатите зависат од повеќе фактори, како телесната тежина, претходното искуство со вежбање и правилната техника. Според него, правилно изведен склек е многу поважен од голем број повторувања направени со лоша техника.

Склекови во дваесеттите години

Во дваесеттите години телото обично е најсилно и најподготвено за физичка активност. Просечно, мажите можат да направат од 30 до 43 склека, додека жените можат да направат од 15 до 29 склекови. Важно е склекот да се изведува бавно и со правилна положба на телото.

Склекови во триесеттите години

Со текот на годините, физичката сила може малку да се намали, но редовното вежбање може да ја одржи кондицијата. Во триесеттите години просечниот резултат е 20 до 34 склека кај мажите и 10 до 24 склека кај жените.

Склекови во четириесеттите години

Во оваа возраст просечно се очекува 15 до 28 склека кај мажите и 6 до 19 склекови кај жените. Сепак, тренерите нагласуваат дека возраста сама по себе не мора да значи послаба физичка форма ако човек редовно вежба.

Склекови во педесеттите години

Во педесеттите години просечниот број е 10 до 24 склека кај мажите и 3 до 14 склекови кај жените. Континуираната физичка активност е клучна за одржување на силата и подвижноста.

Склекови по шеесеттата година

Кај луѓето над шеесет години просечниот резултат е 6 до 19 склека за мажи и 1 до 12 склекови за жени. И во оваа возраст умереното вежбање може значително да придонесе за подобро здравје.

Зошто склековите се важни?

Фитнес тренерите сметаат дека склековите се едноставен, но многу ефикасен начин за проверка на силата на горниот дел од телото. Тие не бараат опрема и можат да се изведуваат речиси насекаде. Сепак, претераното вежбање може да доведе до повреди, па затоа е важно да се вежба постепено и со правилна техника.

Редовната физичка активност, како склекови, пешачење или други вежби, може значително да го подобри здравјето и кондицијата. Ако можете правилно да изведете силен склек, без разлика на возраста, тоа е добар знак за општата физичка форма.