Колку калории имаат ќебапите? Вистината е во прилозите

Скарата е неизбежен дел од пролетта и летото, а ќебапите речиси секогаш се првиот избор кога на маса се собира друштво, семејство или пријатели. Мирисот на жар, свежо печено месо и топла лепиња ретко кого оставаат рамнодушен.

Но зад омилениот балкански оброк често се крие многу поголем калориски внес отколку што повеќето претпоставуваат. Не е проблемот само во месото – вистинската разлика ја прават прилозите, сосовите и количината што вообичаено се консумира „без многу размислување“.

Macedonian kebab

Колку калории имаат ќебапите и останатата скара?

Калориската вредност на скарата зависи од видот на месото, процентот на маснотии и начинот на подготовка, но просечните бројки даваат јасна слика.

Десет ќебапи, што најчесто изнесуваат околу 300 грама, содржат приближно 700 до 900 калории. Кај помасни рецепти, оваа бројка лесно може да се доближи и до 1.000 калории.

Плескавица од 200 грама вообичаено има 500 до 700 калории, додека полнета плескавица со кашкавал, сланина или други додатоци може да достигне и 800 до 1.000 калории.

Кобасиците исто така спаѓаат меѓу покалоричните избори. Порција од 200 грама во просек носи 600 до 800 калории, главно поради високата содржина на масти.

Од нешто полесните варијанти, пилешките крилца содржат околу 400 до 600 калории на 200 грама, особено ако не се премачкани со дополнителни сосови или масла.

Најтешка категорија останува царското месо. Поради високиот процент на масти, 200 грама можат да содржат дури 800 до 1.000 калории.

Свинските котлети, во зависност од маснотијата и подготовката, имаат нешто поумерени 400 до 600 калории на 200 грама.

месо скара

Вистинскиот проблем често не е месото

Многумина вниманието го насочуваат кон месото, но калориската сметка најчесто нагло расте со прилозите.

Една порција лепиња или бел леб додава околу 200 до 300 калории.

Порција помфрит носи дополнителни 300 до 400 калории, а понекогаш и повеќе, зависно од количината и маслото.

Кајмакот е еден од најкалоричните додатоци. Само 50 грама содржат приближно 200 до 300 калории.

За споредба, ајварот е значително полесен избор и во 50 грама има околу 50 до 100 калории, зависно од рецептот и количината масло.

Кромидот практично не прави голема разлика, со само 20 до 40 калории по порција.

Свежите салати без тешки преливи најчесто имаат 50 до 150 калории, што ги прави најбезбеден прилог ако внимавате на внесот.

Колку калории има еден класичен оброк?

Стандардна комбинација која многумина ја избираат – 10 ќебапи, лепиња, кајмак и помфрит – лесно достигнува меѓу 1.200 и 1.500 калории.

Во пракса, со поголема порција или дополнителен сос, оброкот може да надмине и 1.600 калории.

Тоа значи дека еден единствен ручек може да покрие голем дел од дневните потреби за просечен возрасен човек, особено ако остатокот од денот не е балансиран.

печење месо на скара во природа

Како да уживате во скара без претерување?

Скарата не мора да биде забранета ако внимавате на изборот и количината.

Нутриционистите советуваат да се избираат помалку масни опции како пилешко месо или свински котлети, да се намали количината на леб и кајмак, а чинијата да се надополни со повеќе свежа салата.

На крајот, не се ќебапите единствениот „виновник“. Комбинацијата од месо, лепиња, помфрит и масни прилози е она што го претвора омилениот оброк во вистинска калориска бомба.

Умереноста и подобриот избор на прилози често прават поголема разлика отколку целосното откажување од омилената скара.