Кога заморот станува опасен? Доктор открива знаци
Постојаниот замор често се припишува на стрес, недоволно сон или напорно секојдневие, но лекарите предупредуваат дека во одредени случаи може да биде и прв сигнал дека телото се соочува со посериозен здравствен проблем.
Докторката д-р Пунам Кришан во гостување во утринска телевизиска емисија објасни дека постои голема разлика помеѓу „обичен замор“ по напорен ден и состојба на долготрајна исцрпеност која не исчезнува дури ни по одмор.
Ако заморот трае со недели, не поминува по одмор и е проследен со симптоми како губење тежина, промени во расположението, кашлица или проблеми со спиењето, лекарите советуваат медицински преглед и крвни анализи.
Кога заморот повеќе не е „нормален“?
Според докторката, предупредувачки знак е моментот кога човек се чувствува целосно исцрпен без јасна причина, а енергијата не се враќа ниту по сон или одмор.
„Тоа е чувство кога сте постојано скршени и немате сила за секојдневните активности, иако сте се одмориле“, објаснува таа.
Причините можат да бидат различни. Во некои случаи станува збор за недостаток на витамини, ниско железо, нарушена функција на тироидната жлезда или проблеми со нивото на шеќер во крвта. Но, понекогаш долготрајниот замор може да биде поврзан и со многу посериозни заболувања.

Симптоми што не треба да се игнорираат
Британскиот NHS препорачува лекарска консултација ако заморот трае подолг период без очигледна причина или ако почнува да го нарушува секојдневниот живот.
Особено внимание треба да се обрне ако се појават и други симптоми како:
- необјаснето губење на тежината
- промени во расположението
- гласно ‘рчење или чувство на задушување за време на спиењето
- долготрајна кашлица
- необично крварење
- појава на грутки или оток
Докторката предупредува дека многу луѓе ги потценуваат овие сигнали и со месеци избегнуваат преглед, надевајќи се дека симптомите сами ќе исчезнат.

Одложувањето може да ја влоши состојбата
Според неа, токму доцната реакција е една од најголемите грешки што пациентите ја прават.
„Често слушам пациенти како велат дека проблемот започнал пред шест месеци. Во многу ситуации, пораното реагирање може значително да го подобри исходот од третманот“, предупредува таа.
Лекарите советуваат дека крвните анализи и основните медицински прегледи можат навреме да откријат проблеми кои на почетокот изгледаат безопасно.
View this post on Instagram
Жените најчесто го ставаат своето здравје на последно место
Докторката посебно апелира до жените и луѓето кои постојано се грижат за другите членови на семејството, бидејќи тие најчесто ги игнорираат сопствените симптоми.
Во брзото секојдневие, многумина заморот го прифаќаат како „нормален дел од животот“, но експертите потсетуваат дека телото често испраќа сигнали многу пред болеста да стане сериозна.
Токму затоа, раното препознавање на симптомите и навремената реакција можат да направат голема разлика.

