Катастрофа за Партизан: еден од најтешките порази во Евролигата
Партизан доживеа дебакл во Каунас. Жалгирис славеше со 109:68, во еден од најтешките порази на црно-белите во Евролигата.
Кошаркарите на Партизан претрпеа еден од најтешките порази во својата историја во Евролигата. Во рамките на 17. коло, белградскиот клуб беше целосно надигран од литванскиот Жалгирис, кој на домашен терен во Каунас славеше убедливо со 109:68.
Од самиот почеток беше јасно дека црно-белите немаат решение за агресивната и дисциплинирана игра на домашниот тим. Жалгирис ја презеде контролата уште во првата четвртина, која ја заврши со водство од 28:15, а на полувремето резултатот веќе беше убедливи 53:30.
Предноста на литванскиот состав продолжи да расте и во второто полувреме. Играта на Партизан изгледаше дезорганизирано и без енергија, а впечатокот беше дека гостите со нетрпение го чекаат крајот на натпреварот.
Натпреварот заврши со пораз од 41 поен разлика, што го прави ова најтешкиот пораз на Партизан во Евролигата во последните пет години. За Жалгирис, најрасположен беше Силвен Франсиско со 22 поени, додека Мозес Рајт додаде 17. Во редовите на Партизан, најмногу поени постигна Бруно Фернандо – 16.
Кога станува збор за историјата, најтешкиот пораз на Партизан во Евролигата и понатаму останува оној од 15 ноември 2013 година, кога ЦСКА Москва го совлада белградскиот клуб со 42 поени разлика. Со поразот во Каунас, Партизан беше само еден кош далеку од нов негативен рекорд.
Во исто време, нова победа во Евролигата забележа и екипата на Дубаи, која во Истанбул го совлада Ефес со 80:76. Најефикасен беше Мфионду Кабенгеле со 20 поени и 7 скока, додека МекКинли Рајт запиша импресивен „дабл-дабл“ учинок од 16 поени и 14 асистенции.
Кенан Камењаш одигра само две минути без постигнат поен, додека во составот повторно ги немаше повредениот Џанан Муса и Коста Кондиќ.









