Камера го сними убиството на фудбалер (29): За главен осомничен се посочува неговиот брат

Поранешен аргентински фудбалер Лукас Игнасио Пирес (29) трагично загина по инцидент во Буенос Аирес. Камери го снимиле настанот, а за убиството е осомничен неговиот брат.

Поранешниот фудбалер на аргентинскиот клуб Алмиранте Браун, Лукас Игнасио Пирес (29), трагично го загуби животот по инцидент што се случил во населбата Ла Матанца, во близина на Буенос Аирес. Според аргентинските медиуми, за убиството е осомничен неговиот роден брат, кој по настанот избегал од местото.

Како што пренесуваат локалните извори, до инцидентот дошло по жестока расправија, која завршила со сериозна повреда нанесена со стаклено шише. Пирес бил итно пренесен во болница, но лекарите не успеале да го спасат поради тежината на повредите.

Клубот Алмиранте Браун, за кој Пирес настапувал во минатото, се огласи со официјално соопштение и изрази сочувство до семејството.

„Алмиранте Браун жали за загубата на Лукас Пирес, поранешен играч на нашиот клуб. Изразуваме искрено сочувство до неговото семејство и најблиските во овие тешки моменти“, соопштија од клубот.

Во меѓувреме, на социјалните мрежи се појавија снимки од безбедносни камери кои го прикажуваат моментот на инцидентот. Снимките се дел од истрагата што ја водат надлежните органи, кои интензивно работат на расветлување на случајот и пронаоѓање на осомничениот.