„Како можете да носите нешто кога знаете дека е од невино убиено дете?“

Мајката на загинатата Ивона во пожарот во „Пулс“ во Кочани со емотивен апел ги бара личните предмети на својата ќерка. Идентификација во ОВР Кочани до 6 март 2026.

Со болка што тешко се опишува, Стојка Иванова-Антова, мајката на Ивона која го загуби животот во трагичниот пожар во клубот „Пулс“ во Кочани, јавно упати апел за враќање на личните предмети на нејзината ќерка.

„Како можете да носите нешто кога знаете дека е од невино убиено дете?“ – прашува таа, обраќајќи им се на сите кои по трагедијата биле во полициските простории за идентификација на предмети. Мајката потенцира дека не бара ништо туѓо, туку само спомените што ѝ припаѓаат на нејзиното дете.

Пожарот што се случи на 16 март 2025 година во дискотеката „Пулс“ однесе 63 млади животи, оставајќи зад себе семејства во неизмерна тага.

Апелот на мајката – пренесен во целост

Стојка апелира до сите кои можеби, ненамерно или по грешка, земале предмети што не им припаѓаат, да ги вратат кај вистинскиот сопственик – кај нејзината ќерка Ивона.

Предметите што се бараат да се вратат се:

  • кожено долго палто (мантил)

  • нараквица од Tiffany & Co.

  • дебела сребрена нараквица

  • обетки од Swarovski

  • прстени

  • очила од Emporio Armani

  • зелен IQOS

„Една мајка ве моли.“ 🖤

„Шминките не се важни. Но, ова се нејзини лични работи и треба да се вратат таму каде што припаѓаат“, наведува мајката, додавајќи дека тие предмети се спомени од еден млад живот што згаснал прерано.

Идентификација и враќање на предмети

Од денес до 6 март 2026 година, во просториите на ОВР Кочани ќе се врши идентификација и враќање на предметите пронајдени на местото на трагедијата. Надлежните ги повикуваат сите граѓани кои имаат информации или предмети поврзани со настанот, да постапат совесно и хумано.