Каде целосно ќе се забранат сите видови цигари со новиот закон
Нов закон за пушење носи целосна забрана за цигари, електронски и никотински производи на речиси сите јавни места. Детален список.
Државата подготвува радикална промена во борбата против пушењето. Новиот, значително построг Закон за заштита од пушење, кој го изготви Министерството за здравство и веќе е објавен на ЕНЕР, предвидува најсеопфатна забрана досега – без исклучоци, без сиви зони и со драстично засилен инспекциски надзор. Целта е јасна: системска заштита на јавното здравје и намалување на пушењето како една од водечките причини за смртност и хронични заболувања во земјава.
Со новиот Закон за заштита од пушење се воведува целосна забрана за тутун, електронски цигари и сите никотински производи во речиси сите јавни, работни и затворени простори, јавен превоз, угостителски објекти и дури во приватни возила во присуство на деца, со високи казни за прекршителите.
Со законот се забранува пушење на сите видови тутунски и никотински производи, вклучувајќи класични цигари, електронски цигари, загреан тутун, никотински кесички и слично, во следните простори:
Здравствени и социјални установи
Во сите објекти на здравствени установи
Во установи за социјална заштита
Пред влезови на здравствени и социјални установи
Образование и деца
Во сите воспитно-образовни установи
Во и пред објекти за престој и сместување на деца
Во и пред објекти за ученици и студенти
Во објекти каде се одржуваат забавни и рекреативни активности за деца (игротеки, приватни установи за грижа)
Државни институции
Во објекти каде се сместени државни органи
Во објекти на општините и локалната самоуправа
Работни места
Во сите објекти и возила што претставуваат работно место, без оглед на дејноста
Јавен превоз и инфраструктура
Во сите видови јавен превоз (автобуси, возови, авиони, бродови)
Во жичари и ски-лифтови
Во аеродроми, железнички и автобуски станици, езерски пристаништа
На станици за градски и приградски превоз
Приватни возила
Во приватно возило доколку во него има дете
Трговија и јавни настани
Во објекти каде се вршат трговски дејности
На пазари и саеми
Угостителство
Во сите угостителски објекти за сместување (хотели, хостели, апартмани и слично)
Во сите угостителски објекти за исхрана:
ресторани, барови, меани, кафулиња, кантини и други
Станбени згради
Во заеднички простории на станбени згради
Во лифтови, светларници, котларници и други заеднички делови
Безбедносни и казнени институции
Во полициски станици
Во казнено-поправни и воспитно-поправни установи
Игри на среќа
Во сите објекти каде се приредуваат игри на среќа
Каде ќе биде дозволено пушење
Пушење ќе биде дозволено исклучиво на строго дефинирани отворени простори, кои мора:
да бидат отворени од најмалку три страни
да немаат стаклени, пластични или најлонски прегради
да бидат физички одделени од затворени простории
Одговорното лице е должно да постави јасна ознака за забрана и да обезбеди контрола.
Целосна забрана за рекламирање и промоција
Законот воведува апсолутна забрана за:
директно и индиректно рекламирање
промоции и спонзорства
маркетинг на тутунски и никотински производи
Прикажувањето пушење во филмови, серии, ТВ програми, видеоигри и онлајн содржини ќе биде дозволено само ако е уметнички неопходно и наменето за возрасна публика, со задолжителна здравствена порака.
Крај за аромите: забрана за ментол и овошни вкусови
Се забранува:
производство
увоз
продажба
на сите тутунски и никотински производи со ароми и вкусови, вклучувајќи електронски цигари и течности без никотин. Целта е спречување на таргетирање на младите.
Строги правила за продажба и изложување
Забранета ќе биде продажба:
на парче
преку автомати
онлајн
во угостителски објекти
на плажи, пазари и јавни настани
Тутунските производи мора да бидат сместени во затворени, неосветлени шкафови, без визуелна изложеност.
Високи казни и затворање објекти
Предвидени се казни:
од 2.000 до 5.000 евра за правни лица
до 2.000 евра за одговорни лица
до 300 евра за физички лица
Инспекторите ќе можат да затвораат објекти до три месеци. Надзорот го вршат повеќе институции, вклучително и МВР и инспекциските служби.
Новиот закон јасно сигнализира дека пушењето повеќе нема место во јавниот простор. Не станува збор за препорака, туку за системска промена што ја менува секојдневната навика – со строги правила и уште построги последици.









