Ја удирал и ја стегал за врат: Бегство на семафор во Скопје спасило бремена жена
Бегство на семафор во Скопје спасило бремена жена од семејно насилство. Обвинителството поведе постапка и предложи мерки на претпазливост.
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 52-годишен маж, осомничен за кривично дело Телесна повреда според член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, по пријава за семејно насилство извршено врз неговата 32-годишна вонбрачна партнерка, која во моментот била во вториот месец од бременоста.
Според наводите, насилството се случило во домот на улицата „Рајко Жинзифов“ во Скопје, по вербална расправија која прераснала во физички напад. Осомничениот ја удирал жената со тупаници и шлаканици по главата и телото, при што ѝ биле нанесени гребаници, отоци и хематоми.
Додека жртвата викала и барала помош со цел да ја слушнат соседите и да повикаат полиција, осомничениот станувал сè поагресивен. Во еден момент, според пријавата, ја стегнал за врат со рацете, обидувајќи се да ја замолчи.
Во обид да се спаси и да излезе од домот, жената го убедила осомничениот да заминат на гинеколошки преглед и да направат ехо на бременоста. Додека се движеле со автомобил и возилото застанало на семафорите на булеварот „Св. Климент Охридски“, таа успеала да избега, да влезе во блиско кафуле и да побара помош. Со позајмен мобилен телефон веднаш ја известила полицијата.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерки на претпазливост, меѓу кои се обврска осомничениот повремено да се јавува кај надлежен орган, привремено одземање на патната исправа, како и забрана за приближување и воспоставување контакт со оштетената.









