Израел и САД започнаа воена операција против Иран: експлозии во Техеран, ракети лансирани кон Израел

Израел и САД започнаа заедничка воена операција против Иран. Експлозии во Техеран, прогласена вонредна состојба во Израел и лансирани ракети кон израелска територија.

Израел рано утринава започна голема воена операција против Иран, потврди израелскиот министер за одбрана Израел Кац, нагласувајќи дека нападот е „превентивен“ и насочен кон елиминирање на заканите по безбедноста на државата. Веднаш по почетокот на операцијата, на целата територија на Израел беше прогласена вонредна состојба.

Набргу потоа, претседателот на САД, Доналд Трамп, во видео-обраќање објавено на социјалната мрежа Truth Social потврди дека и американските сили активно учествуваат во нападите врз Иран. Тој истакна дека целта на кампањата е заштита на американскиот народ, војската и сојузниците, како и елиминирање на, како што рече, „непосредните закани што доаѓаат од иранскиот режим“.

Во повеќе градови низ Израел се огласија сирени за воздушна опасност, а граѓаните добија итни известувања на мобилните телефони со повик веднаш да се засолнат во засолништа. Израелската армија соопшти дека нејзините одбранбени системи се целосно активни.

Во исто време, од Техеран пристигнуваат информации за силни експлозии кои одекнуваат во повеќе делови од градот. Иранските медиуми и извори блиски до властите јавуваат дека експлозии се слушнале и во Исфахан, Караџ, Керманшах и други региони. На социјалните мрежи се појавија снимки од густ чад и уништени објекти, иако нивната автентичност сè уште не е официјално потврдена.

Иранската Револуционерна гарда соопшти дека како одговор на нападите започнала „прв широк бран“ ракетни и беспилотни напади врз Израел. Израелските одбранбени сили потврдија дека од Иран биле лансирани проектили и дека се преземаат мерки за нивно пресретнување.

Премиерот Бенјамин Нетанјаху во обраќање до јавноста изјави дека започнала операција за, како што рече, „отстранување на егзистенцијалната закана од терористичкиот режим во Иран“. Тој му се заблагодари на американскиот претседател за поддршката и повика на единство и издржливост во наредните денови.

Паралелно со воздушните напади, иранските агенции Фарс и Тасним јавуваат и за серија сајбер напади врз големи ирански медиуми и мобилни апликации, што дополнително ја усложнува ситуацијата во земјата.

Регионалната безбедносна состојба дополнително се влоши откако Катар го затвори својот воздушен простор, а извештаи за експлозии и активирани сирени пристигнаа и од Бахреин. Според западни медиуми, можно е воената операција да трае неколку дена, додека од Техеран стигнуваат пораки дека одговорот ќе биде „разорувачки“ доколку нападите продолжат.

Амир Хатами, министерот за одбрана на Иран, е убиен во израелско-американски напад, објавија многу профили на социјалните мрежи како непотврдена вест.


Министерството за војна на Соединетите Американски Држави на својот X профил го објави името на операцијата што започна утрово против Иран.

Како што објавија, операцијата е наречена „Епски бес“.