Изгубен контакт со Хамнеи, неговата судбина неизвесна?
„Jerusalem Post“ објави дека е изгубен контакт со врховниот лидер на Иран, Али Хамнеи. Иран тврди дека тој е жив, додека по израелско-американските напади загинале високи команданти.
Израелскиот весник Jerusalem Post објави дека е изгубен контакт со врховниот лидер на Иран, Али Хамнеи, а неговата моментална состојба и локација се неизвесни, повикувајќи се на израелски официјални извори. Според истите информации, израелските власти најавиле дека наскоро ќе објават видео-снимка поврзана со Хамнеи.
Во меѓувреме, израелски и американски напади врз Иран, наводно, резултирале со смрт на неколку високи команданти на Иранската револуционерна гарда (IRGC) и политички функционери на режимот, изјавил извор близок до иранските власти за новинската агенција Reuters.
Иранскиот Совет за национална безбедност им наредил на жителите на Техеран, како и на другите големи градови, да останат во безбедни и заштитени простории сè до ново известување. Според сведоци, безбедносните сили ги блокирале патиштата во делот од Техеран каде што се наоѓаат канцелариите на врховниот лидер, претседателот Масуд Пезешкијан и парламентот.
Овие случувања следуваат по заедничките напади на Израел и Соединетите Американски Држави врз цели во Иран, додека иранските државни медиуми известуваа за експлозии во Техеран, Ком, Исфахан, Керманшах и Караџ.
Претходно во текот на денот, ирански официјален претставник за Reuters изјавил дека Хамнеи не се наоѓа во Техеран и дека е префрлен на „безбедна локација“. Во меѓувреме, на социјалните мрежи се појавија сателитски снимки кои, наводно, прикажуваат израелски напад врз бункер каде што се претпоставува дека се наоѓал врховниот лидер, иако овие информации не се официјално потврдени.
Ирански воен претставник подоцна одбил да коментира дали Хамнеи или претседателот Пезешкијан биле директна цел на израелските и американските напади.
Во ексклузивно интервју за американската телевизија NBC News, министерот за надворешни работи на Иран, Абас Арагчи, изјави дека врховниот лидер е жив „колку што јас знам“. Тој потврди дека двајца високи команданти загинале во нападите, но нагласи дека највисоките функционери на режимот преживеале.
Ситуацијата останува напната, а официјалните информации се менуваат од час во час, додека меѓународната заедница внимателно ги следи случувањата.









