Ивана вчера пријавила напад од сопругот – нападот се случил на друга локација
Ивана Јовановска претходно пријавила напад од сопругот на булеварот „Гоце Делчев“, но подоцна ја повлекла пријавата. Осомничениот е уапсен и истрагата е во тек.
Ивана Јовановска, жената која трагично го загуби животот заедно со својата шестгодишна ќерка по пад од зграда во скопската населба Тафталиџе, вчера околу пладне самата пријавила во полиција дека нејзиниот сопруг ја нападнал на друга локација во градот.
Според појаснувањето од МВР за Слободен печат, полицијата добила пријава од жената дека била физички нападната од сопругот на булеварот „Гоце Делчев“, во близина на „Мавровка“, судскиот комплекс и кампусот на УКИМ.
Од Министерството информираат дека веднаш по пријавата, полициски службеници излегле на местото и разговарале со пријавителката. Во разговорот, таа изјавила дека имала недоразбирања со сопругот, поради кои се исплашила и повикала полиција, но посочила дека немало физички контакт меѓу нив. Потоа потпишала изјава дека ја повлекува пријавата.
По овој настан, таа се упатила кон станот во Тафталиџе, каде неколку часа подоцна се случи трагедијата.
Сопругот, Стојанче Јовановски, е лишен од слобода и ќе се соочи со повеќе кривични дела. Според информациите, тој и претходно ѝ бил познат на полицијата, со пријави за насилен криминал, трговија со дрога и напад врз службено лице.
Истрагата за случајот продолжува, а надлежните институции најавуваат целосно расветлување на сите околности поврзани со трагичниот настан.









