Итно повлекување на формулата Aptamil AR 2: АХВ апелира да не се користи производот
Агенцијата за храна и ветеринарство нареди итно повлекување на формулата за доенчиња Aptamil AR 2 поради утврдено присуство на цереулид. Потрошувачите се повикуваат да не ја користат.
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) информира дека итно се повлекува од македонскиот пазар формулата за доенчиња Aptamil AR 2, пакување 24×400 грама, серија 2027.01.02, поради утврдено присуство на токсичната супстанција цереулид (cereulide).
Од АХВ апелираат до сите потрошувачи кои го имаат купено овој производ со наведениот лот и рок на употреба да не го користат, туку да го вратат на продажното место каде што е набавен.
Како што соопштува Агенцијата, по добиено известување преку Системот за брзо предупредување за храна и храна за животни на Европската Унија (RASFF), вчера е спроведена вонредна инспекциска контрола кај увозникот на производот. Станува збор за вкупно 912 парчиња со потекло од Ирска, кај кои е детектирано присуство на цереулид, а како можен извор на контаминација е наведено ARA маслото.
При контролата било утврдено дека целата увезена количина веќе е дистрибуирана на пазарот и не е затекната во магацините на увозникот. АХВ посочува дека операторот со храна веќе започнал итна постапка за повлекување на производот од продажба и за информирање на јавноста.
Дополнително, Агенцијата информира дека се вршат проверки дали и други формули за доенчиња од компанијата „Нестле“, кои се повлекуваат во одделни европски земји, се присутни на македонскиот пазар. Засега, за тие производи не е добиено официјално известување преку европскиот систем за брзо предупредување.
– Како институција надлежна за безбедноста на храната, континуирано ја следиме состојбата и доколку се појави потреба, ќе преземеме навремени мерки за заштита на здравјето и животот на најмладите – соопштуваат од АХВ.









