Истражна постапка против четворица од Неготинско осомничени за тешко кривично дело врз малолетно лице

ОЈО Кавадарци отвори истрага против четири лица од Неготинско осомничени за тешко кривично дело врз 13-годишно девојче. Побаран е притвор.

Основното јавно обвинителство Кавадарци поведе истражна постапка против четири лица од Неготинско, поради основано сомнение дека сториле тешко кривично дело против половата слобода и моралот – силување на дете кое не наполнило 15 години, казниво според член 188 став 3 од Кривичниот законик.

Според информациите од обвинителството, на 14 февруари 2025 година осомничените заеднички се договориле и со патничко возило земале 13-годишно девојче од Неготино, со кое еден од нив претходно бил во контакт. Малолетното лице било однесено на локација надвор од селото Криволак, каде, според сомнежите, било изложено на повеќекратни недозволени дејствија, по што било вратено назад во Неготино.

Во текот на претходната постапка, против осомничените биле изречени мерки на претпазливост. Со започнувањето на истрагата, јавниот обвинител доставил предлог до надлежниот суд овие мерки да бидат заменети со ефективен притвор.

Од Обвинителството наведуваат дека прибраните докази укажуваат на основано сомнение за кривично дело за кое е предвидена затворска казна од најмалку десет години, па сѐ до доживотен затвор. Истрагата е во тек.