Иранските „ракетни градови“: Што се крие 500 метри под земја и колку се моќни

Иран располага со повеќе од 3.000 балистички ракети и мрежа на подземни бази познати како „ракетни градови“, изградени и до 500 метри под земја. Овие објекти се клучен дел од воената стратегија на Техеран во услови на тензии со Израел и САД.

Иран располага со еден од најголемите ракетни арсенали на Блискиот Исток, со повеќе од 3.000 балистички проектили, според проценка на Централна команда на САД од 2022 година. Во изминатата деценија Техеран значително ја подобри прецизноста на своите ракети, што беше една од нивните главни слабости.

Поради тоа, Западот, а особено Израел, изразуваат сериозна загриженост. Иако Иран сè уште нема нуклеарно оружје ниту интерконтинентални балистички ракети способни да погодат територија на САД, неговиот конвенционален арсенал претставува клучен инструмент за одвраќање и одговор на евентуални напади.

Со оглед на ограничените воздухопловни капацитети и ослабената противвоздушна одбрана, ракетниот арсенал е столбот на иранската воена стратегија. Токму затоа, во последните години земјата изгради таканаречени „ракетни градови“ – масивни подземни бази ископани во планините, на длабочина и до 500 метри.

рекета

Овие објекти, управувани од Корпус на Исламската револуционерна гарда, служат за складирање и лансирање ракети со среден и долг дострел, како што се „Шахаб-3“, „Сеџил“ и „Хорамшахр“, со домет до 2.000 километри. Дел од овие бази беа јавно прикажани преку видеа објавени од иранските медиуми, како дел од стратегијата на одвраќање.

Според анализи, околу 2.000 од вкупниот број проектили можат да погодат цели во регионот на Блискиот Исток. Освен тоа, Иран располага и со голем број беспилотни летала и крстосувачки ракети.

Во случај на ескалација, клучен фактор ќе биде дали потенцијалните напади би успеале да ги неутрализираат влезовите и излезите на овие подземни комплекси. Доколку тие бидат оштетени, „ракетните градови“ би можеле да станат нефункционални, бидејќи лансирните системи и мобилните платформи не би можеле да излезат на површина.

Експертите предупредуваат дека ситуацијата останува тензична, особено поради стратешката важност на Ормускиот Теснец – клучна поморска рута низ која поминува значителен дел од светската нафта. Развојот на настаните ќе зависи од понатамошните потези на засегнатите страни и можноста за дипломатско смирување на кризата.