Инспекцијата утврди пропусти: ЦСР Скопје неправилно постапувал во случајот со Ивана
Инспекцискиот надзор утврдил недостатоци во постапувањето на Центарот за социјални работи Скопје во предметите за развод и семејно насилство поврзани со Ивана. Најавени се соодветни мерки согласно закон.
Центар за социјални работи Скопје неправилно постапувал во предметите за развод и за семејно насилство што се воделе за сега починатата Ивана, чиј живот, заедно со животот на нејзиното дете, трагично заврши со пад од зграда во скопски Карпош.
Од Министерство за социјална политика, демографија и млади за Слободен печат информираат дека инспекцијата извршена за начинот на постапување во предметот за семејно насилство констатирала недостатоци и неправилности во работата на Центарот.
Во тек е соодветна постапка за изрекување инспекциски мерки во согласност со законските прописи.
Од Министерството посочуваат дека во понатамошниот тек на инспекциската постапка ќе се преземат дополнителни активности од страна на надлежните инспектори.
Надзорот опфатил проверка на примената на Законот за социјална заштита, Законот за семејство, Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, како и подзаконските и другите акти донесени врз нивна основа.









