Хорор во Скопје: 25-годишник држел девојка 10 дена затворена, ја тепал и ѝ се заканувал и силувал

Полицијата уапси 25-годишник од Скопје осомничен дека десет дена држел 22-годишна девојка затворена во неговиот дом, ѝ се заканувал и не ѝ дозволувал да излезе. Случајот го пријавила мајката.

Дваесет и двегодишна девојка која пристигнала од Германија во Скопје десет дена поминала во вистински хорор, откако била задржана против своја волја во домот на 25-годишен маж со кого претходно се запознала.

Според информациите од МВР, полицијата на 5 март 2026 година во 16:55 часот на подрачјето на општина Гази Баба го лишила од слобода Е.А. (25) од Скопско.

Како што информираат од МВР, на 23 февруари 2026 година во неговиот дом тој физички нападнал 22-годишна жена која дошла од Германија, ѝ упатувал закани и не ѝ дозволувал да го напушти домот. Во текот на целиот период ѝ го одзел и нејзиниот мобилен телефон и ја силувал.

По десет дена, на 4 март, девојката успеала да стапи во контакт со својата мајка и да побара помош. Мајката веднаш го пријавила случајот во полиција.

Полициски службеници пристигнале на посочената адреса, извршиле проценка на ризик и презеле соодветни мерки.

За случајот е известен јавен обвинител, а по целосно документирање на настанот против осомничениот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава по брза постапка.