Хаос во Дубаи: Eксплозии во близина на аеродромот, пожари кај познати хотели и крвави луѓе. Видео!

Експлозии и пожари во Дубаи, инцидент на меѓународниот аеродром и откажани стотици летови. Властите предупредуваат на ширење непроверени снимки на социјалните мрежи.

На социјалните мрежи се шират драматични снимки од Дубаи, на кои се гледа чад, пожари и паника на меѓународниот аеродром. Според дел од објавите, проектил или дрон експлодирал во близина на Меѓународен аеродром Дубаи, по што настанала евакуација на патниците.

Од управата на аеродромот потврдија дека се случил „инцидент“ и дека веднаш биле активирани итните служби во координација со надлежните институции. Според официјалните информации, четири лица биле повредени и им била укажана медицинска помош. Засега нема податоци за потешки последици.

Истовремено, на интернет се појавија видеа на кои се гледа пожар во близина на Бурџ Калифа, како и тврдења дека е погоден и луксузниот хотел Бурџ Ал Араб, симболот на градот со препознатливата форма на едро. Сепак, овие информации засега не се официјално потврдени од властите на Обединетите Арапски Емирати.

Владината канцеларија за медиуми на Дубаи издаде соопштение во кое предупредува дека на социјалните мрежи кружат стари снимки и фотографии од претходни пожари, кои погрешно се прикажуваат како актуелни. Граѓаните и медиумите беа повикани да се информираат исклучиво од официјални извори и да не споделуваат непроверени информации, бидејќи тоа може да влијае врз јавната безбедност.

Во меѓувреме, според податоци од платформите за следење летови, воздушниот простор над Дубаи бил значително расчистен, а бројни летови биле откажани или пренасочени. Повеќе авиокомпании од регионот привремено ги суспендирале своите операции поради зголемените безбедносни ризици. Меѓу погодените дестинации се и летови кон Тел Авив, Доха, Кувајт и други градови на Блискиот Исток.

Ситуацијата следува по ескалацијата на конфликтот во регионот, по нападите врз Иран и најавените одмазднички акции. Дел од објавите тврдат дека биле употребени дронови од типот „Шахид-136“, но за ова нема официјална потврда од релевантните институции.

Властите во Дубаи апелираа граѓаните да се држат подалеку од прозорци и стаклени површини и да ги следат упатствата на безбедносните служби.

Состојбата е во развој, а повеќе детали се очекуваат во текот на утрешниот ден!