Грција воведува нови правила на Санторини

Санторини воведува ограничување за туристи над 100 килограми при јавање магариња. Новите правила имаат за цел заштита на животните и контрола на масовниот туризам.

Туризмот одамна не е само сонце, море и фотографии за социјалните мрежи. Сè почесто станува прашање на одговорност и поставување граници – не само за луѓето, туку и за животните кои со години се дел од туристичката разгледница.

На грчкиот остров Санторини, една од најпосетуваните дестинации во земјата, воведено е ново правило: туристите кои тежат повеќе од 100 килограми повеќе нема да можат да јаваат магариња на рутата од старата лука до главниот град Фира.

Симбол на островот, но и на проблемот

Возењето магариња по стрмните камени скали – долги околу 400 метри со повеќе од 500 скалила – со години беше дел од „автентичното искуство“ на островот. За многумина тоа претставуваше традиција и препознатлив белег на Санторини.

Но зад романтичната слика, реалноста била поинаква.
Во екот на сезоната, особено кога крузерите истовремено истоваруваат илјадници туристи, животните работеле речиси без пауза – по високи температури, по стрмнини и често без доволно одмор и вода.

САНТОРИНИ МАГАРЕОграничување според телесната тежина

Новото правило се темели на принципот дека животното не смее да носи повеќе од околу 20 проценти од сопствената телесна тежина. Оттука произлегува и границата од 100 килограми за туристите.

Одлуката доаѓа по бројни извештаи за повреди, проблеми со ’рбетот, рани и исцрпеност кај магарињата. Во шпицот на сезоната, последиците од прекумерниот товар станале очигледни.

Покрај ограничувањето на тежината, воведени се и дополнителни мерки:

  • задолжителен пристап до вода,

  • редовни паузи,

  • периоди без работа,

  • построг надзор и евиденција за состојбата на секое животно.

Масовниот туризам под лупа

Магарињата со децении биле дел од секојдневието на островот. Пред изградбата на патишта и жичара, тие биле главно превозно средство за луѓе и стока низ стрмниот терен.

Денес, тие се туристичка атракција, но и симбол на предизвиците што ги носи масовниот туризам. Санторини годишно го посетуваат повеќе од два милиони луѓе, голем дел од нив преку крузери, што значи огромен притисок во краток временски период.

Локалните власти веќе воведуваат ограничувања за бројот на бродови што дневно пристигнуваат, а грижата за животните станува дел од пошироката дебата – колку туризмот може да издржи едно место?

Новото правило не е само забрана. Тоа е јасен сигнал дека границите конечно почнууваат да се поставуваат – во име на благосостојбата на животните и одржливиот туризам.