Гравот прогласен за најотровна намирница во 2026
Обичниот грав е прогласен за „отровна намирница на 2026“. Еве зошто суровиот грав може да биде опасен по здравјето.
Обичниот грав, една од најчесто користените намирници во секојдневната исхрана, е прогласен за „отровна билка на 2026 година“ од Ботаничката специјализирана градина Хамбург-Вандсбек, која повеќе од две децении ја доделува оваа необична титула.
Според германскиот магазин „Kraut und Rüben“, пасуљот (Phaseolus vulgaris) ја добил оваа титула со цел да се подигне јавната свест за опасностите од неговата неправилна подготовка. Во овогодишниот избор, гравот ги надминал дури и познатите отровни растенија како бругмансијата, кукурекот и ликовацот.
Главната причина за ова предупредување е присуството на токсинот фазин, кој се наоѓа во суровиот или недоволно термички обработен грав. Фазинот може да предизвика згрутчување на црвените крвни зрнца, а во поголеми количини може да биде и животозагрозувачки.
Симптомите на труење обично се појавуваат два до три часа по консумирањето и вклучуваат мачнина, болки во стомакот, повраќање и дијареја. Дополнително, гравот содржи и лектин, т.н. антинутриент кој ја намалува апсорпцијата на хранливите материи во организмот.
Добрата вест е дека токсинот фазин целосно се уништува со варење. Гравот мора да се готви најмалку 15 минути на температура од 100 степени Целзиусови за да биде безбеден за консумирање. Затоа, вниманието при подготовката е клучно, бидејќи недоволно сварен грав може да предизвика сериозни здравствени последици.









